Јанела Санчез, девојчето од Хондурас, со својата мајка Сандра ја помина мексиканско-американската граница лани, во долината Рио Гранде. Американската гранична полиција веднаш ги уапси. Но со полицијата од Тексас бил и фотограф.
Фотографијата која Џон Мур, таа ноќ ја направи, сега е фотографија на годината во избор на реномираната меѓународна организација Ворлд Прес Фото. Таа фотографија лани го заобиколи светот и стана симбол на суровата политика на администрацијата на Доналд Трамп кон децата илегални мигранти и баратели на азил од Средна Америка кои доаѓаат во САД.
– Видов страв на нивните лица и во нивните очи – рекол Мур во интервју за американското државно радио, набрзо откако ја објавил својата фотографија.
Кога службениците ги барале нивните имиња, Мур ги забележал Сандра Санчез и нејзината мала ќеркичка, која почнала да плаче кога мајка и ја спуштила за граничните полицајци да ја претресат.
– Тој краток момент на раздвојување помеѓу мајката и ќерката, го почувствував самиот како родител на мало дете- рекол Мур.
На церемонијата за доделување на наградата во Амстердам, Мур за АФП изјавил:
– Сакав да раскажам поинаква приказна. За мене тоа беше прилика да го прикажам погледот на човештвото кој често се огледува само во статистиката.
Јинела и мајка и сепак не биле разделени. Според таткото на девојчето, ќерка му и сопругата заедно биле затворени откако биле уапсени на границата.