Што ги спречува Србија и Косово да постигнат договор како што тоа го направија Грција и Република Северна Македонија, праша денеска претседавачот со Минхенската конференција за безбедност, Волфганг Ишингер, кој повеќе пати бил посредник во решавање на косовското прашање, додавајќи дека е тажно бидејќи се уште не се решени клучни прашања.
Ишингер, отварајќи ја панел дискусијата „Безбедноста во Југоисточна Европа: два чекора напред, еден чекор назад“, ги запрашал српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот косовски колега Хашим Тачи што ги спречува исто како лидерите на Грција и на Република Северна Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, да ја прослават приказната за успех и зошто е толку тешко да се постигне договор.
– Сакам да пробаме да разбереме зошто е толку тешко да се постигне договор. Што ги отежнува работите од ваша страна, зошто да не го славиме успехот на 2019 година? – праша германскиот дипломат.
Ишингер додаде дека со косовскиот проблем и самиот бил соочен, во текот на својата дипломатска кариера, уште од 1995 година, кога како главен преговарач на германската влада, работел на решавање на судирите во БиХ.