Луѓето со длабоки брчки на челото се во поголема опасност од развој на кардиоваскуларни болести, покажала новата студија. Луѓето со многу длабоки брчки на челото можат да бидат во 10 пати поголема опасност да заболат или умрат од болести на срцето и крвниот систем.
Научниците наведуваат дека анализирањето на брчките, сепак, не е ефикасен начин за откривање на болестите на срцето како вообичаените методи, односно тестирањето на крвта и крвниот притисок.
Истражувањето, во кое учествувале 3.200 луѓе, траело две децении. Кога почнало, испитаниците имале 32, 42, 52 и 62 години. Секој на почетокот добил оценка за постоечките брчки на челото. Нула значело дека челото е целосно мазно и без никакви брчки, а тројката дека брчките се многубројни и длабоки. Утврдено е дека луѓето со оценка 1 се во малку поголема опасност од срцеви болести од оние со 0.
Лицата со оценки 2 или 3 имале 10 пати поголем ризик. Им било советувано да го променат стилот на животот, повеќе да вежбаат и поздраво да се хранат.
Студијата, меѓутоа, не дала целосно објаснување врз основа на што е изведен нејзиниот заклучок, но една од можните теории тоа го поврзува со стврднувањето на артериите поради акумулираниот притисок.
Ризикот од срцеви болести се зголемува со годините, но стилот на животот и медицинските интервенции можат да ја ублажат опасноста. Вистински предизвик е да ги воочите ризичните фактори доволно рано за да може нешто да се промени.
ФОТО: Инстаграм/Принтскрин