Вицепремиерот добро знае дека по извештајот од Венеција имаме правен и политички проблем и тој треба да се реши за да не стане важна пречка. Само нека погледне какви последици има Унгарија со отфрлањето на вакви извештаи, пишува Љупчо Поповски во својата колумна за Дојче веле.

Во голема мерка вицепремиерот Бујар Османи беше во право кога изјави дека Венецијанската комисија не е супермаркет па од нејзиниот извештај за Законот за јазиците секој да земе што сака. Тоа е така, но во неговата прва импулсивна реакција по објавувањето на извештајот тој се протурка до врвот на редицата и истрча до рафтовите на „супермаркетот“ да го земе она што тој го сака, а другите работи не сакаше ни да ги погледне. Ако ги погледаше убаво ќе видеше дека таму има интересни нешта за кои вреди да се потроши некој денар за заедничката соба да изгледа поубаво.

Но ова е драматично предизборие (плус и претконгресна атмосфера во неговата партија) па не се на одмет тешки изјави преку кои треба да се претстави одбраната на националната кауза. Плус, ова е втор „пораз“ (ако така може да се нарече) на Бујар Османи за само 40 дена. Прво, неговата посветена европска мисија како вицепремиер беше запрена пред француските порти, а второ, интервенцијата во Венеција не донесе плодови какви што очекуваше. Оние што сакаат да бидат многу злобни би нашле големи забелешки за енергијата, упорноста и умешноста на Османи Македонија да добие датум за преговори, но француското вето го оддува синопсисот во кој тој требаше да биде глорификуван пред албанското гласачко тело како еден од хероите. Но, исклучивоста на Емануел Макрон ги урна проекциите на Османи и македонските надежи.

Потоа Османи отиде во Венеција во улога којашто не му прилегаше (законите пред Венецијанската комисија ги бранат министрите за правда, а не министри за евроинтеграции) за да се обиде со политички елаборации да ја амортизира правничката аргументација. Наместо убаво да го прочита извештајот на Комисијата тој се зафати со политички пароли дека измени во Законот за јазиците не може да има и влезе во контрадикција со функцијата што ја врши – вицепремиер за евроинтеграции. Тој вели: „Ќе ги почитуваме препораките на Венецијанската комисија, но законот нема да се менува“. Веројатно ќе му требаат маѓионичарски чуда за да може двете работи да ги спои. Или Владата ќе ги почитува препораките или нема да ги почитува – трета работа е неможна.

Бујар Османи би требало да знае дека Венецијанската комисија (формирана во 1990 како тело на Советот на Европа) има одговорност да им дава правни совети на земјите членки (61 на број) за да ги доведат нивните институционални структури во согласност со европските стандарди за демократијата, човековите права и владеењето на правото. Таа е некој вид „итна уставна помош“ за земјите членки. Ако Османи го знае тоа тогаш зошто побрза да ја отфрли „итната помош“ (побарана од премиерот Зоран Заев, како што се вели во првата реченица од извештајот) кога таа стигна на вратите. Неговиот партиски колега Артан Груби во телевизиска дебата се обиде да им се потсмева на тројцата известители за Законот за јазиците нарекувајќи ги „пријателите на Каракамишева“ (директно омаловажувајќи ја нивната стручност и во приземна политичка игра обвинувајќи ги за некаков вид корупција – професорката Тања Каракамишева е македонски претставник во Комисијата).

Внимателно читање

Европски ориентираниот Бујар Османи би требало да знае уште пред да замине за Венеција дека извештаите за проценка на законите се разгледуваат и донесуваат на пленарна седница на Комисијата и дека Груби, обидувајќи се да му даде поттекст на неговиот гнев, ѝ транспортираше некаква наднационална моќ на Каракамишева. Османи веројатно требаше да знае дека првиот човек на групата која го изготвуваше мислењето за законот, Регина Киенер од Швајцарија, е професорка по уставно право на Универзитетот во Цирих, дека предава и на Универзитетот во Берн и на Хебрејскиот универзитет, дека е стручњак со меѓународен углед и дека била известувач на мислења за закони и во Франција, Унгарија, Италија, Полска… Османи веројатно знаеше дека другите двајца од групата – Јан Велерс од Белгија и Бен Вермулен од Холандија – се исто така познати европски јуристи. Велерс предава уставно право на Универзитетот во Антверпен, а Бен Вермулен предава на Универзитетот во Амстердам и дека специјалност му се човековите права и принципот на еднаквост. Сосема е сигурно дека Османи добро знае дека Регина Киенер и Јан Велерс доаѓаат од земји кои се повеќејазични – Швајцарија има четири официјални јазици, а Белгија два, па нивните стручни оценки во извештајот за Законот за јазиците е професионално достоен и искуствено калибриран.

Ако Бујар Османи внимателно го прочитал извештајот на Венецијанската комисија (а не вади од него како од супермаркет делови кои се најубави за него) ќе види дека во него се пишува дека „Комисијата не е во позиција да заземе став околу уставноста на Законот за јазиците затоа што тоа е во надлежност на Уставниот суд“ (наспроти погрешните и невистинити тврдења на опозицијата дека таа го прогласила законот за неуставен), но забележува на процедурата во која е донесен. Дека предлог-законот се разгледувал во Комисијата за европски прашања наместо во Комисијата за политички систем, дека немало „инклузивни и доволни ефективни консултации со јавноста“ и дека Комисијата не смета оти е „неопходно во ова мислење да заземе став околу прашањето дали Законот за јазици треба да се смета како закон за хармонизација со законодавството на ЕУ или дали е во правец на интеграцијата во ЕУ“. Но јасно вели: „Според мислењето на Венецијанската комисија Законот за јазици спаѓа во категоријата законски предлози од широк јавен интерес за што треба да има јавна расправа во согласност со Деловникот на Собранието. За жалење е што законот, кој вклучува ваква голема и политички чувствителна реформа на јазичната политика, беше донесен на ваков начин“. Ако тоа се спроведело, вели Комисијата, ќе се поправел материјалниот квалитет на Законот за јазици, ќе била засилена неговата легитимација и ќе било полесно да се спроведе.

Вицепремиерот би требало да знае дека голем дел од извештајот е посветен на отсуството на јасност и прецизност на законот, околу тоа што значи „јазикот што го зборуваат 20 отсто од населението“ и што станува со јазичните права на другите помалубројни етнички заедници. И дека законот треба да биде ревидиран за да се направи појасен кога граѓаните имаат право, а не обврска, да го употребуваат јазикот на заедницата. И дека вистинската вредност на Законот ќе дојде до израз доколку се направи нов попис кој ќе ја покаже сегашната вистинска структура на населението.

Во врска со широко расправаните проблеми во судските постапки Венецијанската комисија го донесува заклучокот: „Да се напуштат одредбите во врска со двојазичноста во судските постапки и да се преземат потребните мерки за да се обезбеди ефикасно спроведување на јазичните барања од Законот за јазици од 2008 година во судските постапки“. Втората препорака: „Да се ревидира членот 3 од Законот – кој ја овозможува употребата на албанскиот јазик во внатрешната и меѓуинституционалната комуникација – или со ограничување на делокругот на пишаната официјална комуникација, или да се одложи неговото влегување во сила сè додека соодветното спроведување на оваа одредба ќе стане реално“, јасно го покажува ставот на Комисијата дека Законот отишол подалеку од европските искуства и дека е тешко спроведлив.

Бујар Османи, а и Артан Груби, во супермаркетот најмногу застанаа кај рафотот каде се наоѓа употребата на јазиците на банкнотите, униформите и поштенските марки. Точно е – Венецијанската комисија вели дека мултијазичноста не е невообичаена во вакви случаи, но таа не наведува препораки, туку само случаи каде е тоа направено: како во Израел (на банкнотата на националната валута шекел хебрејскиот е напишан на лицето, а арапскиот на задниот дел од неа, додека од двете страни има зборови на англиски), Швајцарија, Канада, Кипар. Околу униформите се наведува дека е тешко да се најде пример за повеќе од еден јазик на нив (без оглед дали е војничка, полициска или пожарникарска). Во Швајцарија, на пример, на полициските кантонални униформи стои само јазикот кој се зборува во одредениот кантон.

Има ли јунак

Сосем е јасно дека ревизијата на Законот за јазици според препораките на Венецијанската комисија ќе биде ѓаволски тешка работа и речиси невозможна во предизборите. И дека таа ќе биде тешка не само за сегашните коалициски партнери во владата, СДСМ и ДУИ, туку и за оние што се надеваат дека ќе дојдат на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Како би се нашла заедничка основа засега е нејасно. Доколку СДСМ застане цврсто за имплементирање на препораките би можел да загуби дел од албанските гласачи, доколку ДУИ се согласи со нив може да биде обвинет за национално предавство, доколку ВМРО-ДПМНЕ инсистира на намалување на правата од Законот ќе му биде тешко да најде коалициски партнери. Сосем веројатно дека целата работа ќе се остави за по изборите.

Но на вицепремиерот Бујар Османи би требало да му е јасно какви последици може да има одложувањето на имплементирањето на препораките. На истата пленарна седница кога се носеше мислењето за Законот за јазици, Венецијанската комисија го усвои и мислењето за контроверзниот закон за јазиците во Украина. Тој закон беше еден од последните што ги потпиша поранешниот претседател Петро Порошенко. Со него се ограничува употребата на рускиот јазик, кој го зборуваат околу 30 отсто од украинските граѓани, и на јазиците на другите помали етнички групи. Ако во македонскиот случај Комисијата оцени дека јазичниот закон отишол подалеку од европските искуства, за Украина беше наведено дека тој е многу под нив, особено околу квотите аа малцинските јазици во радио и тв-програмите.

Само три отсто од украинските граѓани зборуваат некој друг јазик освен украинскиот и рускиот. Но Унгарија уште истиот ден кога беше објавено мислењето на Комисијата најави дека и понатаму ќе ја блокира соработката на Украина со НАТО (и нејзиното можно членство) се додека не се обноват правата на Транскараптските Унгарци во Украина и тие да се вратат на состојбата пред септември 2017 година кога законот влезе во сила. „Само тогаш ќе го симнеме нашето вето за интеграцијата на Украина во НАТО“, објави министерот за надворешни работи Петер Сијарто.

Унгарија дочека и таа да поставува услови преку некој извештај на Венецијанската комисија. Вицепремиерот Бујар Османи би требало да знае какви последици имаше Унгарија кога не ги прифаќаше препораките на Венецијанската комисија, како во случајот со пакетот закони во правната операција „Стоп Сорос“. Поради тоа на владејачката партија Фидес ѝ беше замрзнато членството во Европската народна партија, а Европската Унија ја активираше нукеларната опција од европскиот договор – членот 7 (за слични повреди на владеењето на правото и слободата на мислењето, таква постапка е поведена и за Полска). Бујар Османи би требало да знае дека по негативните оценки на Венецијанската комисија за контроверзниот закон за административниот судски систем (во кој главна улога требаше да има министерот за правда) Унгарија по неколку месеци „херојско одбивање“ неочекувано во јуни ја суспендира целата легислатива за да ја поправи својата позиција во Европската Унија. Будимпешта претходно направи неколку измени во легислативата, но тоа не беше доволно. Најпосле мораше да се откаже од целиот закон.

Османи би требало да знае дека непочитувањето на препораките на Венецијанската комисија (која ги дава европските правни насоки) во одреден момент би можело да значи сериозна пречка за европските амбиции на Македонија. Без оглед што станува збор за проширување на јазичните права. Клучот во приказната многу веројатно може да биде дека Македонија не ги почитува европските правни совети. (Дури и во францускиот нон-пејпер е наведено дека за исполнување на одредени критериуми за напредокот на одредена земја е важно почитувањето на укажувањата на повеќе институции, меѓу кои и Венецијанската комисија.)

Не би требало да се верува дека Бујар Османи не го знае тоа, или дека тоа не го знаат и други важни актери во македонската политика. Но во големата политичка врева околу овој закон малкумина се обидуваат да ги кажат вистинските зборови. Има правен и политички проблем, кој сега се префрла и на европско ниво и треба да се реши. Во овој момент јунак за ваква акција не може да се види. А неколку месеци подоцна можеби ќе биде доцна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.