Вооружените сили на Судан соопштија дека наскоро ќе издадат важно соопштение во врска со случувањата во Картум и шпекулациите во јавноста дека е извршен воен преврат во кој е уапсен претседателот на земјата Омар ел Башир.
– Вооружените сили наскоро ќе издадат важно соопштение, објави државната телевизија.
Веста следува по повеќемесечни протести во земјата.
Пред Министерството за одбрана и на главните патишта и мостови распоредени се безбедносни сили и војници, а телевизијата Ал Арабија објави дека претседателот поднел оставка и оти се уапсени неколку министри, но засега нема официјална информација.
Пред Министерството за одбрана веќе се собрани повеќе граѓани кои извикуваат „Падна, победивме“.
Башир на власт дојде во 1989 година после преврат, а четири години подоцна САД него и неговата Влада ги ставија на список на спонзори на терористи и воведоа санкции.
Башир е обвинет и пред Меѓународниот суд во Хаг поради наводи дека извршил геноцид во Дарфур за време на бунтот во покраината во 2003 година.
Последната криза во земјата се случи минатиот викенд кога граѓаните почнаа протест пред Министерството за одбрана каде се наоѓа и резиденцијата на Башир, а во судирите кои избувнаа пред два дена меѓу демонстрантите и армијата, убиени се 11 лица.
ФОТО: EPA / STRINGER