Шпански новинари протестираа за заштита на доверливоста на изворите

39
Околу 50 новинари денеска учествуваа на протестите пред Врховниот суд во Мадрид со цел заштита на доверливоста на нивните извори.

Демонстрантите скандираа „Нема новинарство без демократија“ и носеа транспаренти со текст „Нашата професионална тајна е твоето право на информација“.

Протестот беше организиран откако во вторникот на островот Палма де Мајорка, по судска наредба, беа одземени два телефона, компјутери и документација на двајца новинари од новинската агенција „Eуропa прес“ и весникот „Дијарио де Мајорка“, кои истражуваа афера за корупција.

Судијата издал наредба да се проверат пораките и мејловите на двајцата новинари за да се открие изворот на информации во врска со корупциски скандал на Балеарските Острови за сопственик на дискотеки, кој бил заштитен од политичари и локалната полиција.

Сепак, тоа предизвика револт во Шпанија, каде што конфискациите речиси едногласно беа осудени од страна на организациите за заштита на новинарите, синдикатите и политичките партии. Сите го критикуваа нарушувањето на доверливоста на новинарските извори, гарантирани со закон.

– Тоа не е само напад врз слободата на говорот и новинарите, туку и против правото на граѓаните на информации. Кој сега ќе разговара со овие новинари – праша генералниот секретар на Сојузот на новинарски синдикати, Агустин Јанел, кој учествуваше на протестот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...