Шкријељ: Не е точно дека во Комисијата за туѓа нега се блокирани над 8.500 предмети

628

Целосна невистина се тврдењата на новата техничка министерка Рашела Мизрахи дека во Комисијата за помош и нега од друго лице се блокирани над 8.500 предмети.

– Воедно сакаме да ја изразиме нашата загриженост од непознавањето на системот на социјална заштита на техничката министерка, која пред да излезе на прес конференција за нерешените предмети за помош и нега од друго лице требаше да знае дека согласно стариот Закон за социјална заштита потребата од помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваше стручна Комисија која беше при јавна установа која во рамките на својата дејност третира проблеми од областа на психо-физичкиот развој на лица со одреден вид на попреченост и дека МТСП немаше надлежност над работењето на оваа Комисија.

Токму поради нејзината нефункционалност, МТСП со новиот закон за социјална заштита ја укина оваа комисија која не беше составена од лекари специјалисти. Со новиот закон за социјална заштита потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија – вели Санела Шкријељ, заменик министерка за труд и социјална политика.

Формирани се наместо едната нефункционална комисија, 15 стручни комисии, од кои 5 се во Скопје. При формирање на комисиите се водеше сметка за бројот на предмети кои во просек како вкупен број секоја од нив треба да ги реши, притоа земајќи го во предвид и регионалнот пристап. Со тоа и на лицата кои имаат потреба од ова право им е олеснет пристапот до Комисиите.

– По формирање на стручните комисии од страна на Министерството за здравство, сите предмети за кои не беше донесен наод и мислење преку центрите за социјална работа беа доставени до истите и во тек е нивно решавање. Предметите се распоредени пропорционално, а рокот за постапување е до 01 февруари – рече таа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...