Шилегов ќе им дели ваучери за такси на пијаните возачи

1155

Зголемување на свеста на граѓаните да возат одговорно, да избегнуваат да возат под дејство на алкохол за да не ги загрозат својот и животот на другите учесници во сообраќајот, е целта на кампањата за безбедност во сообраќајот насловена „Ги возиме одговорните“, промовирана денеска во Скопје.

Со кампањата ќе се мотивираат граѓаните да бидат одговорни кога посетуваат ресторан и консумираат алкохол односно да не управуваат со моторно возило. Како награда за тоа ќе добијат гратис ваучер за такси возење во износ од 100 денари. Со секоја он-лајн резервација направени преку www.restorani.mk гостите ќе добијат ваучер во ресторанот.

– Многу загрижуваат бројките на пијани возачи во нашиот град. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки воопшто не е ни чудо што сме на дното на листите на безбедност на улиците во европски рамки. Град Скопје и во иднина ќе ги поддржува сите иницијативи од овој вид, затоа што безбедноста на нашите сограѓани нема цена – истакна на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој посочи дека со можноста нашите сограѓани кои имаат резервација преку www.restorani.mk да користат бесплатен такси превоз за враќање дома по добрата забава во некои од скопските ресторани, ваквата реалност на скопските улици може да се смени.

– Граѓаните на Скопје мора да заборават на своите автомобили кога консумираат алкохол. Јавниот превоз работи до доцна во ноќта. Такси цените се релативно евтини во споредба со другите европски градови, а сега нудиме и можност за бесплатен такси превоз – рече Шилегов и упати апел до граѓаните да ја користат оваа услуга почесто, а со тоа да помогнат во кампањата за побезбеден град.

Додаде дека Град Скопје одлучил да го поддржи овој проект заедно со Автомото сојузот на Македонија и Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата од причина што безбедноста на учесниците во сообраќајот во Скопје е еден од врвните приоритети на градската администрација.

Ристо Манчевски, секретар на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата рече дека истражувањето кое го спровеле минатата година покажало дека од анкетираните возачи 85 отсто изјавиле дека некогаш управувале моторно возило под дејство на алкохол.

– Ваквата бројка е загрижувачка и токму затоа се неопходни вакви активности со цел покревање на свеста за опасноста од управување моторно возило под дејство на алкохол. Ќе реализираме голем број активности од изработка, дистрибуција на едукативни материјали, организација на јавни настани во угостителски обејкти…со цел едукација на учесниците во сообраќајот за влијанието на алкохолот на способноста за управување со моторно возило – потенцира Манчевски.

Додаде дека според статистичките податоци од почетокот на годинава околу 40 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи.

Оваа одлука на Градот наиде на потсмев на социјалните мрежи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...