Наследив нефункционална јавна администрација, нефункционални јавни претпријатија и долг од 2,85 милијарди денари, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов во денешното интервју во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
– Во градската администрација имате, на пример, 2-3 инспектори за животна средина и 12-13 шофери. Јавните претпријатија во изминатиот период биле места каде што се згрижувал партискиот кадар, а не установи што се во служба на граѓаните – рече Шилегов и додаде дека за претходната градска власт се водат три кривични постапки за несовесно работење.
Градскиот татко демантираше дека на Дрисла ќе се депонира отпад од струшката депонија и рече дека станува збор за лажна вест креирана од опозицијата.
Шилегов рече дека не се откажува од инсталирањето на зип-лајн ни од тунелите под Кале. Тој рече дека бара поевтин начин за да се размонтираат галиите, иако проценката е дека тоа ќе чини околу пет милиони евра, бидејќи ако останат ја зголемуваат опасноста од поплава, а штетата во тој случај би била десетици милиони евра.
Скопскиот градоначалник зборуваше и за паркингот на Водно, ревизиите на ДУП-овите, загадувањето и сечењето на зеленилото во градот. За манифестацијата „Ден на дрвото“, која новата власт ја укина, рече дека била сведена на перење на пари.