Во отсуство на реакција на властите во Србија на процесот во Подгорица во кој 11 српски државјани беа осудени на затворска казна за обид за државен удар за време на изборите во 2016 година, шефот на пратеничката група и лидер на Српската радикална партија (СРС), Воислав Шешељ денеска изјави дека е потребно да се заострат односите со Црна Гора и постави прашање до Владата и до претседателот Александар Вучиќ зошто не се преземани контрамерки против Црна Гора.
– Србија би можела да ги откаже меѓународните договори кои се во интерес на Црна Гора и да го откаже гостопримството на црногорскиот амбасадор и ако тоа не помогне, веднаш да уапсат 11 црногорски државјани и да ги осудат за обид за државен удар. Нема докази, па и тие немаа никакви докази. Па, кога ќе ги осудиме, ќе најдеме докази – изјави Шешељ на седницата на српскиот Парламент.
Тој тврди дека денес во Црна Гора „ниту еден Србин не може да се вработи во јавно претпријатие, лидерите на српските партии се уапсени без вина, режимот на Мило Ѓукановиќ прерасна во диктатура и би било сраммо ако демократска Србија одржува добри односи со таква држава”.
Во исто време, Меѓународниот резидуален механизам за воени злосторства објави дека го отфрлил барањето за судење во Србија на пратениците на Српската радикална партија, Вјерица Радета и Петар Јојиќ, поради можното влијание врз сведоците на Обвинителството.
Механизмот, кој е наследник на Хашкиот трибунал, во објаснувањето на одлуката наведе дека сведоците против Радета и Јојиќ не сакаат да ги откријат своите лични податоци пред Суд во Србија, бидејќи се плашат за своите животи.
Судиите на Механизмот веруваат дека Обвинителството ќе има големи проблеми во докажувањето на обвинението во српското судство, бидејќи сведоците не се подготвени да се појават пред суд во Србија.
Механизмот објави дека се издадени нови налози за апсење на Радета и Јојиќ, а српските власти се повикуваат обвинетите, кои се на слобода, да ги префрлат во Хаг.