Директорот на косовската тајна служба (КИА) Дритон Гаши поднесе оставка, две недели по апсењето на шестмина турски државјани на Косово, пишува приштинскиот портал Зери.
Оставка од Гаши бараше косовскиот премиер Рамуш Харадинај, поради апсење и депортација на шестмина турски државјани, кои официјална Анкара ги смета за следбеници на движењето ФАТО, кое го предводи верскиот лидер во егзил Фетулах Ѓулен.
Според Зери, Гаши ја поднел оставката до канцеларијата на премиерот и денеска се поздравил со вработените во КИА.
Веста за ова ја потврди и портпаролката на Владата Доњета Гаши.
– Да. Има неколку дена за примопредавање на должноста – рекла кусо Гаши.
Претходно, поради истата причина, оставка по барање на Харадинај поднесе и министерот за полиција Фљамур Сефај.
Барањето на Харадинај Сефај и Гаши да поднесат оставки дојде еден ден откако шестмината Туци биле уапсени и депортирани во Турција. Претходно им беше укината дозволата за престој во Косово.
Харадинај ги побара оставките затоа што акцијата за апсење и депортација на турски државјани била спроведена во заедничка акција со турската тајна служба, а Владата, односно тој, не биле известени за тоа.
Оставката на Гаши треба да ја потпише и претседателот на привремените косовски институции Хашим Тачи, кој претходно дече дека не се согласува со промена во врвот на КИА.