Извршниот директор на „Ауди“ Руперт Стадлер е уапсен во врска со скандалот со мамење за емисија на штетни гасови, соопшти денеска матичната компанија „Фолксваген“ и обвинителите.
Како што јави ДПА, веста доаѓа една недела откако беше извршен претрес во приватната резиденција на Стадлер за да се обезбедат докази за поддршка на истрагата за обвиненија за измама.
– Обвинетиот се појави пред истражен судија, кој нареди да биде притворе, се вели во соопштението на обвинителството во Минхен.
Обвинителите тврдат дека „Ауди“ од 2009 година до сега во САД и Европа продал најмалку 210.000 автомобили со дизел мотор опремени со софтвер што мами, и ги испитуваат наводите за измама и нелегално промовирање на производ во изминатата година.
На почетокот на февруари, обвинителите извршија претрес во седиштето на „Ауди“ во Инголстад и канцелариите во фабриката Некарсулм во јужна Германија.
Досега, единственото лице кое официјално е обвинето е поранешниот шеф на одделот за развој на моторот на „Ауди“ и член на извршниот одбор на „Порше“. Човекот, кој не е именуван според германското право за приватност, се наоѓа во притвор од неговото апсење во септември.
Скандалот со мамење за количината издувни гасови прво избувна во групацијата „Фолксваген“ во септември 2015 година, кога ФВ призна дека мамел во врска со стандардите за загадување во повеќе од 11 милиони дизел возила што биле продадени низ целиот свет.
Фокусот на скандалот со емисијата на дизел моторите се префрли во „Ауди“ на 15 март минатата година, кога државните обвинители во Минхен го претресоа седиштето во Инголстад, додека Стадлер ја држеше годишната прес-конференција на компанијата.
Фото: EPA/LUKAS BARTH