Шест милиони денари за иновации на најдобрите основци и средношколци

101

Владата потпиша договори за 34 проекти на основни и средни училишта, кои беа наградени во рамките на Програмата „Предизвик за млади истражувачи 2“, на ФИТР и на МОН. На церемонијата се презентираа двата победнички проекти од учениците од првонаграденото основното училиште „Даме Груев“ од Битола и првонаграденото средно училиште „Ванчо Прке“ од Виница.

Премиерот Заев истакна дека Владата е посветена на поддршката на младите истражувачи, со цел да се остварат нивните идеи и да се реализираат нивните креативни решенија за секојдневните проблеми и прашања со кои се соочуваме сите.

– Градејќи се себеси како лидери и остварувајќи ги своите соништа тука, дома, младите луѓе ја градат и економската иднина на нашата земја, Северна Македонија. Нам ни се потребни млади истражувачи и ви благодарам почитувани професори и ментори што го препознавате и развивате нивниот креативен потенцијал – додаде Заев.

Со вкупен фонд од 6 милиони денари и дополнителни 30.000 денари за менторите на учениците кои се дел од овој проект, оваа година се стимулира креативноста и се отвора нова димензија и за основците и за средношколците.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, рече дека ФИТР веќе втора година реализира Предизвик за млади истражувачи.

– Со над 10 милиони денари поддржуваме проекти на 54 основни и средни училишта од цела земја во кои над 300 ученици и 130 ментори работат на истражувачки проекти од различни области. Секој којшто ги гледа овие млади деца со право може да каже сериозна држава каква што сакаме да бидеме и настојуваме да станеме мора да обезбеди поддршка за нив – додаде Деспотовски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...