Шведска се бори со најголемите шумски пожари во последните децении, при што гори и поширокото подрачје на Северниот поларен круг, што ја принуди Владата да побара помош од војската, стотици волонтери и други држави од ЕУ.
Шведска доби помош – вклучувајќи авиони „Канадери“, хеликоптери и жива сила – од Италија, Франција и Норвешка. Данска, Германија и Литванија исто така ветија помош. Франција веќе испрати два авиони со капацитет од 6.000 литри вода.
Во текот на вчерашниот ден над 50 пожари беснееја во шумите, главно во Централна и Западна Шведска, но исто така и на север, надвор од арктичкиот круг, како и на балтичките остров Готланд.
Досега нема податоци за настрадани луѓе, но беа извршени големи евакуации, а илјадници луѓе беа предупредени да останат дома, да ги затворат прозорците и да не го дишат зачадениот воздух.
Финска и Норвешка, исто така, соопштија за шумски пожари во последниве денови. Околу 500 војници доброволци се испратени за да помогнат со хеликоптери при гаснењето на огновите во централниот дел на Алваделен.
Минатата недела, скандинавскиот полуостров беше зафатен од екстремни горештиниза тоа подрачје. Температурите достигнаа над 32 степени во Финска, Норвешка и Шведска и при суви временски услови за неколку недели ги направија грмушките и шумите лесно запаливи.