Оставки на претседателот Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, првиот собраниски спикер Маја Гојковиќ, оставка на раководството на РТС и обезбедување услови за одржување на слободни и фер услови во рок од шест-девет месеци се пораките на синоќешниот, 16-ти граќански протест „Еден од пет милиони“ во Белград.
Пораките до власта ги изнесе актерот Бранислав Лекиќ од Демократската странка (ДС), кој кажа дека доколку до овој рок не се исполнат условите, „цела Србија ќе се собере во Белград на 13 април“.
На протестот говореше и генералот во пензија од ДС Срета Малиновиќ кој оцени дека „полагањето војничка заклетва на 50 години после три дена обука на министерот за одбрана Александар Вулин е понижување на Србија.“
Повеќеилјадната колона на граѓани, која беше значително поголема од изминатите протести, под називот „Исти барања-нема повлекување“ мирно се упати во протестна прошетка низ централните белградски улици, до зградата на РТС, каде беше изведен перфомансот „Дневник на слободна Србија“ од страна на приведените студенти од минатонеделните протести и упадот во РТС.
На влезот на РТС беа лидерите на Сојузот за Србија, Драган Ѓилас и Јанко Веселиновиќ, свртени кон собраните демонстранти, на тој начин бранејќи некој да не влезе во зградата.
Ѓилас рече дека влегувањето во зградата на РТС минатата сабота е реакција на граѓаните, бидејќи власта не сакала да ги слушне граѓаните кои протестираат.
– Неопходно е властите да разберат дека не можат а да не разговараат со своите граѓани – рече Ѓилас, и ги повика граѓаните да положат цвеќе на влезот на РТС за жртвите од НАТО бомбардирањето, но и за медиумскиот мрак во Србија.
Вчера, од страна на опозициската Социјал-демократска странка (СДС) на поранешниот претседател Борислав Тадиќ најавија спојување со Демократската странка, чин кој беше најавен како окрупнување на опозицијата.
Српскиот претседател одбива каков било дијалог со граѓаните, а особено со опозицијата.
Тој вчера изјави дека „мислел оти има работа со лидери кои се нормални и рационални, но кога видел дека има работа со двајца тајкуни кои брзаат да ги обноват своите финансии со грабеж на државниот имот и со еден фашист….повеќе не смета на разумот на фашистот (Бошко) Обрадовиќ и тајкуните (Драган) Ѓилас и (Вук) Јеремиќ.“
Тој оцени дека значењето на протестот пред зградата на претседателството, кога таа беше опкружена имала за цел „да го убијат.“
Тој повторно ги поврза демонстрациите во Србија, со состојба во „некогашна Македонија“, изјавувајќи дека „тие (српската опозиција) сакаат да добијат техничка влада, па сите медиуми да работат како што работи РТС последните три дена…и сите мора да бидат како ТВ Н1, а другите да се угасат.“
Photo: EPA / SRDJAN SUKI