Граѓаните кои плаќаат сметки на шалтерите во „Македонска пошта“ многу често реагираат што единствено таму се принудени да плаќаат во кеш, а не со нивните банкарски картички како на најголем дел од продажните места. Проблемот не е во тоа тие да платат со картичка, туку во тоа дека ќе треба да платат банкарска провизија бидејќи шалтерите на „Македонска пошта“ се шалтери на ЕуроСтандард банка и функционираат како банкарски шалтери. Другите банки не прифатија да соработуваат со нас, појаснуваат од Македонска пошта.
Оттаму информираат и дека во наредниот период кога ќе профункционираат ПОС терминалите во поштите ќе може да се плаќа и со Viza или Master картичка од други банки.
-„Македонска пошта“ има потпишано договор со ЕуроСтандард банка и вршењето на било која финансиско-банкарска услуга во а.д. „Македонска пошта“ зависи исклучиво од деловната политика на Еуростандард банка а.д. Скопје и склучениот договор за деловна соработка – велат од Пошта.
Оттаму додаваат дека поштенските шалтери се опремени со ПОС терминали на Еуростандард банка и наскоро ќе бидат во функција на цела територија на Македонија.
– Наскоро на нашите шалтери ќе може со Viza или Master картичка издадена од било која деловна банка да се плати фактура. Ова не е практика во другите банки – велат од „Македонска пошта“.
Одговорните од „Македонска пошта“ тврдат дека во изминатиот период правеле напори на шалтерите да може да се плаќа со платежни картички издадени и од други деловни банки, но биле одбиени.
– Бевме информирани дека во тој случај плаќањето со платежна картичка издадена од друга деловна банка ќе има третман на подигање готовина од банкомат при што клиентот ќе треба да плати висока провизија. Со самото тоа никој корисник не би сакал во Пошта да плати банкарска услуга со платежна картичка различна од картичката на ЕуроСтандард Банка, ако за тоа треба да плати висока провизија – појаснуваат тие.
Исто така, додаваат од Пошта, кај другите деловни банки клиентот треба да има отворено трансакциска сметка во истата банка за да може да плати во готово со образец ПП50 Налог за плаќање на јавни приходи или со образец ПП10 Уплатница, што не е случај на поштенските шалтери.
– Граѓаните можат на шалтерите во Пошта во готово да платат обврски кон буџетска трансакциска сметка без да имаат отворено трансакциска сметка во Еуростандард банка АД Скопје, и не треба да имаат трансакциска сметка отворено во оваа банка доколку износот кој се плаќа во готово на образец ПП0 Уплатница е помал од 61.500 денари – велат од „Македонска пошта“.