„Чудна шума“ на Шукарова, Еагли и Емин ќе го одбележи Меѓународниот ден на танцот

Публиката ќе има можност да го види работниот процес на студентите при ФМУ и самостојното дело на Урсула Еагли, остварено во склоп со кореографското дело на Шукарова, а насловено „Чудна шума“.

109

Со современ танцов перформанс Искра Шукарова, кореограф и професор на Факултетот за музичка уметност и Урсула Еагли, кореограф од САД, заедно со студентите од катедрата за современ танц при ФМУ в недела ќе го одбележат Меѓународниот ден на танцот 29 Април. Настанот ќе почне во 20 часот, најпрвин во фоајето, а потоа ќе продолжи во Камерната сала на Македонската филхармонија.

Оваа вечер има за цел да направи пресек на уметничкиот и едукативниот современ танцов процес. Публиката ќе има можност да го види работниот процес на студентите при ФМУ и самостојното дело на Урсула Еагли, остварено во склоп со кореографското дело на Шукарова, а насловено „Чудна шума“.

На овој современ танцов настан поканет е музичкиот уметник Џијан Емин, кој ќе биде вклучен како соработник во креирањето на музичкиот концепт. Заедно со Јошико Чума од Јапонија, Џијан Емин во 2007 година во Њујорк, веќе оствари соработка со Шукарова и со Еагли на проектот „Страница надвор од редот“.

Еагли и Шукарова првпат ги соединија своите креативни сили во Њујорк, заедно со Јошико Чума. Две години по нивната соработка, тие лансираа заеднички проект исто така во Њујорк, во 2008 година. Заедно соработуваа и во 2010 година во Драмскиот театар во Скопје, со поддршка на Dance Theater Workshop’s Suitcase Fund, потоа во 2011-та како дел од NYC’s Performance Mix Festival и со поддршка на Trust for Mutual Understanding и во 2015 година како дел од фестивалот „Локомоушн“ во Скопје.

Програма што ќе биде претставена на Денот на танцот – 29 Април, ќе биде изведена како перформанс на кој, како што велат и двете кореографки, ќе се обидат да ја воспостават нишката на структурираното општествено живеење, пренесувајќи ја публиката низ суспендираните магични базени од сластни танци.

Во проектот „Чудна шума“ учествуваат: Урсула Еагли, Искра Шукарова, Деана Антевска, Јована Јанчовска, Бојан Мицев, Јана Петровска, Росана Стефанова, Ана Маркоска, Марија Ристеска, Теодора Ежовска, Христина Ангеловска, Стефанија Лефтеровска, Милена Гаврилова, Тања Василевска, Елена Костадинова, Бисера Димчева, Ангела Костадиновска и Олга Серафимова.

На овој настан ќе биде промовирана и работата на катедрата за балетска педагогија – отсек за современ танц, која е формирана во 2010 година на ФМУ.

За одбележувањето на 29 Април – Меѓународниот ден на танцот ќе се сподели пораката од македонскиот автор Марко Мицов од Македонскиот интернационален театарски институт кој оваа година слави 70. јубилеј. Пораката оваа година ќе ја прочита Нина Костовска од Центарот за Даунов синдром во Македонија, со кои Шукарова соработува преку проектот „И јас сакам да бидам балерина“, а е поддржан од УНИЦЕФ.

Танцовиот перформанс е овозможен со поддршка од Македонската филхармонија, а во соработка со ФМУ-УКИМ, како и од фондот GPS-Global Practice Sharing/Trust for Mutual Understanding and Movement Research. Оваа програма е уште еден настан од проектот инициран од Шукарова, Nomad to Nomad, како дел од NGO Nomad Dance Academy-Macedonia.

Фото: Ана Лазаревска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...