Режисерот на претставата Јане Спасиќ на денешната прес-конференција вели дека текстот е еден од најинтересни и возбудливи, но и најкомплексни текстови на Мекдона во кои, како што вели, секогаш има одлични актерски улоги, како и одличен тек на настаните. Спасиќ откри дека се работи за трилер во кој писателот и неговиот брат се приведени и во кој се истражува убиството на неколку деца и поврзаноста на приказните на писателот со начинот на кој се убиени тие деца.
– Претставата се занимава со тоа колку различните наративи секој од поединецот ги разбира и како ги толкува врз база на тоа што му се случува во животот. Семејното насилство што го има во текстот е еден инструмент и двигател на приказната и на наративот. Тоа се замки што се поставени да ја држи публиката заинтересирана и едноставно претставата нуди „добро возење“, добра забава преку која се отвораат тие приказни и биографии на сите ликови и нивните болки. Секој од нас и публиката ќе има различно толкување за претставата – вели Спасиќ.
Додаде дека жанровски, овој текст би го дефинирал како трилер, трагедија со примеси на комедија.
Авторската екипа ја сочинуваат Јане Спасиќ- режија, Марко Јанев- сценограф, Фросина Стојановска- асистент на сценографија, костимограф- Ирина Тошева, музика- Дарија Андовска, дизајн на светло- Владимир Димоски, превод на текст- Горјан Милошевски и Јане Спасиќ. Улогите ги толкуваат: Зоран Љутков, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Соња Стамболџиоска, Симона Димковска, Дамјан Цветановски, Анастасија Аневска и Михаил Стојановски.
Претставата овој месец ќе се игра на 11, 17 и 22-ри на мала сцена во Драмскиот театар.