Чилеанската влада се согласи да напише нов устав, со кој ќе се замени сегашниот кој потекнува од времето на диктатурата на Аугусто Пиноче, а со цел да да ги смири повеќенеделните насилсни протести.
Министерот за внатрешни работи Гонзало Блумел изјави дека претседателот Себастијан Пинера, членови на претседателската администрација и политички сојузници се согласиле дека Конгресот ќе го води процесот на повторно пишување на уставот. Чилеанците ќе гласаат за нацрт-уставот на референдум.
– Пред сѐ, треба да се фокусираме на целта – промена на општествениот договор, кој е поставен како основен услов на нашите граѓани – рече Блумел.
Делови од Уставот се изменети неколку пати од 1980 година, кога беше прогласен, но критичарите велат дека новиот устав мора да вклучува заштита на социјалните права и да ја зголеми вклученоста на граѓаните во демократските процеси. Противниците на промена на уставот тврдат дека постојниот устав е столб на стабилноста за Чиле, една од најбогатите земји во Јужна Америка.
Протести избувнаа пред три недели поради зголемувањето на цените на билетите за метрото, а во нив досега загинаа најмалку 20 лица. Демонстрантите постојано бараа нов устав.