Спроти прославата на 100-годишнината од Првата светска војна, чешкиот премиер Андреј Бабиш со сопругата Моника во Париз се состана со легендарниот писател Милан Кундера, роден во Брно пред 89 години и со неговата сопруга. Премиерот Бабиш потврди дека го поканил Кундера во Чешка, додавајќи дека Кундера заслужува повторно да добие чешко државјанство, од кое отстапи по емиграцијата во 1975 година и дека славниот писател не бил во Чешка цели 22 години.
Кундера ги поканил високите гости во својот париски стан, а потоа поминале три часа заедно во омилениот ресторан на Кундера.
Бо 1975 година Кундера емигрираше во Франција а четири години подоцна чешкиот комунистички режим му го одзеде државјанството. Во 1981 година Кундера стана француски државјанин. Неговите романи ,,Шега”, ,,Неподнослива леснотија на постоењето” и другите се светски познати и преведени на многу јазици. По емиграцијата Кундера почнал да ги пишува своите романи на француски јазик.
Кундера ја има посетено својата матична татковина инкогнито, а париската средба се оствари на покана на премиерот Бабиш со посредство на чешкиот амбасадор во Франција.