Турција е решена во намерата да го премине Еуфрат и да навлезе на источниот брег на реката во северна Сирија, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевљур Чавушоглу за весникот „Хуриет“.
Шефот на турската дипломатија во изјавата нагласува и дека Турција и САД постигнале договор припадниците на Силите за заштита на народот на сириските Курди да се повлечат од градот Манбиџ во провинција Алепо.
Турската агенција Анадолија вчера јави дека борци на бунтовничката Слободна сириска армија, која ја има поддршката на Турција, се упатиле кон Манбиџ, во реоните на линијата на разграничување со областите под контрола на Сили за заштита на народот и на трупите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Според Анадолија, припадниците на Слободната сириска армија упатени кон Манбиџ, кој е под контрола на Силите за заштита на народот, ќе бидат задолжени „за важни задачи во операцијата што Турција би можела да ја започне“ во тој регион.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 14 декември најави дека турските сили ќе влезат во Манбиџ, кој се наоѓа на западниот брег на Еуфрат, ако САД не обезбедат повлекување на Силите за заштита на народот од регионот.
Два дена претходно, Ердоган најави и дека „за неколку дена“ Турција ќе започне воена операција против силите на сириските Курди источно од Еуфарт во северна Сирија, што наиде на остри реакции од страна на турските сојузници.
По ова, Ердоган минатата недела соопшти дека најавенате воена операција во сириските реони источно од реката Еуфрат се одлага „за неколку месеци“.
Според извори во Анкара, одлуката за одлагање на офанзивата била донесена со цел да им се овозможи безбедно заминување на американските сили од регионот, согласно одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп за повлекување на американските војници од Сирија, кое се очекува да трае меѓу 90 и 120 дена.
Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која од 80-те години на минатиот век води вооружена борба за автономија на Курдите во Турција. ПКК е на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ.
Од друга страна, САД ги сметаат силите на сириските Курди за свој важен сојузник во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД) и ги обучуваат нивните припадници и ги опремуваат со оружје и техника.
Борците на Силите за заштита на народот во моментов го контолираат најголемиот дел од областите источно од реката Еуфрат.