Владата на Црна Гора, реагирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти дека е горда на својата традиција и мирнодопска политика и оти Црна Гора придонесува за мирот и стабилноста во Европа и во целиот свет. Официјална Подгорица истакна и дека пријателството и сојузништвото со САД се силни и трајни.
Во соопштението објавено на црногорски и англиски јазик, се наведува дека црногорската Влада се одлучлила за реакција по барање на бројните домашни и странски медиуми во врска со вчерашната изјава на Трамп, кој рече дека Црногорците се агресивен народ и може да предизвикаат Трета светска војна.
Владата во Подгорица посочува дека Црна Гора е „држава која прва во Европа пружи отпор на фашизмот и денес како нова членка на НАТО и кандидат за ЕУ придонесува за мирот и стабилноста не само на европскиот контитент, туку и ширум светот, заедно со американските војници во Авганистан“.
Владата посочи дека Црна Гора е горда на мирнодопската политика која ја доведе до стабилизирачка држава во регионот и единствена држава во која не се војувало при распаѓањето на поранешна Југославија.
Во соопштението се наведува и дека е тоа земја која примила 120.000 „несреќни луѓе и семејства“.
– Ние градиме пријателства, а ниту едно не сме изгубиле, воедно способни храбро и одлучно да се браниме и да ги одбраниме сопствените национални интереси“, се наведува во соопштението, во кое уште се вели дека во денешниот свет, полн предизвици, не е важно колку сте големи или мали, туку во која мера ги негувате вредностите како што се слобода, солидарност и демократија.
Американскиот претседател вчера оцени дека е „многу нефер САД да ги штити членките од НАТО кои не плаќаат“, повторувајќи дека државите треба да ги плаќаат трошоците за нивната заштита.
– Црна Гора е мала држава со многу силни луѓе. Тие се многу агресивни луѓе, можат да станат агресивни и тогаш, честитам, ние сме во Трета светска војна. Меѓутоа, тоа е начинот на кој (НАТО) функционира – изјави вчера Трамп.