Новите измени во Законот за возила со кој се воведуваат еколошки налепници, субвенции за електрични и хибридни возила и нивното позитивно влијание врз намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух и здравјето на граѓаните, денеска ги образложи и заменик министерот за екологија Јани Макрадули.
Макрадули на денешната прес-конференција рече дека со предложените измени на Законот за возила се започнува со координирана и интегрирана акција во борбата за здрава животна средина и справувањето со аерозагадувањето, каде урбаниот транспорт претставува важен сегмент.
-Се воведуваат еколошки налепници за возилата, кои ќе бидат поделени во три еколошки категории во зависност од европските емисиони стандарди (ЕУРО 1, ЕУРО 2, ЕУРО 3, ЕУРО 4, ЕУРО 5 и ЕУРО 6) и од погонот на моторот на возилото, (на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, на електричен погон или хибридно возило) – појасни Макрадули.
Возилата според еколошкиот стандард што ќе го исполнуваат ќе се делат на три категори и ќе бидат обележени со налепници со зелена жолта и црвена боја зависно колку ја загадуваат животната средина.
Во првата еколошка категорија влегуваат возила со европски емисиони стандарди ЕУРО 5 и ЕУРО 6, како и возила со емисија на издувни гасови ЕУРО 4 на кои е вграден уред на течен нафтен гас или компримиран земјен гас, хибридни возила и електрични возила. Тие ќе бидат означени со еколошка налепница во зелена боја, и ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони.
Во втората еколошка категорија во која влегуваат возилата со европски емисиони стандарди ЕУРО 3 и ЕУРО 4, како и возилата со емисија на издувни гасови ЕУРО 2 на кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас или погон на компримиран земјен гас, ќе се означуваат со еколошка налепница со жолта боја. Тие ќе имаат ограничено движење во сообраќајот.
Третата еколошка категорија ќе ја сочинуваат возилата со европски емисиони стандарди од ЕУРО 2 и пониско, како и возилата за кои производителот нема дефинирано емисија на издувните гасови. Тие ќе бидат означени со еколошка налепница со црвена боја. За овие возила ќе се воведе забрана за движење во општините во период кога има загадување на воздухот.
Еколошката категоризација на возилото ја прави овластена техничка служба.
Владата, како што појасни Макрадули, воведе и субвенции за купување на возило на електричен погон или поврат на дел од средствата на физичките или правните лица кои ќе купат возило на електричен погон или хибридно возило.
Со Програмата за субвенционирање на купување на нови хибридни и електрични возила, се предвидуваат субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило, а во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.
Со овој закон се предвидува Програма за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила.
Со Програмата се субвенцинира 50% од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1200 возила на годишно ниво.
Истовремено, додаде Макрадули, со овој Предлог на закон се предвидува Програма за субвенционирање на купување на нови возила со одјава на старо возило со цел да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните и значително ќе се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на амбиенталниот воздух.
Исто така, на барање на здруженијата на такси превозниците, за нив се воведуваат жолти таблици со кои ќе се воведе ред во такси услугите и со кои, од една страна, ќе се намали нелојалната конкуренција, а од друга, ќе се зголеми квалитетот на услугите што им се нудат на граѓаните.
Освен тоа, законот ги утврдува и стандардите за регулирање на системот за вградување на плински уреди на возилата.
Законот треба да помине и на собрание по што ќе почне и да се применува.