Ципрас: Честитки до Мицотакис што конечно го сфати хаосот

538
Photo: EPA / FRANCOIS WALSCHAERTS / POOL

Поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас преку социјалните мрежи реагираше за одлуката на Владата повторно да формира Министерство за миграција, истакнувајќи дека на Мицотакис му требаа шест месеци за да го сфати хаосот што се создал во бегалското прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

„Му честитам на господинот Мицотакис, на кој, на крај, му требаа само шест месеци и седум дена за да го разбере хаосот што го создаде во бегалското прашање и колку голем гаф беше неговата одлука да го укине Министерството за миграциска политика во земјата со најголеми бранови бегалци и мигранти во цела Европа“, напиша Ципрас на социјалните мрежи.

Со реакција излезе и портпаролот на опозициската СИРИЗА, Алексис Харицис кој вели дека „ако хаотичната состојба создадена од некомпетентноста на Владата на Нова демократија не беше толку сериозна, ќе беше смешна“.

– Откако предизборно ширеше нетолеранција и лаги со кои сега самиот тој и неговите функционери се соочуваат низ целата земја, откако го укина Министерството за миграциска политика веднаш штом ја презеде функцијата, откако смени пет министри одговорни за миграциското прашање, откако објави три различни планови за олеснување на ситуацијата на островите, без ниеден од тие да функционира, откако најави затворањето на Мориа, каде што денес бројот достигнува до речиси 30 000 луѓе, а на крајот на јуни имаше малку повеќе од 5.500, господинот Мицотакис го признава, со задоцнување од шест месеци, хаосот што се создаде и повторно го формира Министерството што тој самиот го укина – вели Харицис.

Photo: EPA / FRANCOIS WALSCHAERTS / POOL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...