Ако се потврди дека Турција направила дупчења за природен гас во кипарската ексклузивна економска зона, тогаш ЕУ да усвои санкции, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас по вчерашниот вонреден состанок на владиниот совет за надворешни работи и одбрана за случувањата во југоисточниот Медитеран и активностите на Турција во кипарската ексклузивна економска зона, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас им порача на Грците дека „треба да се чувствуваат целосно безбедни“. Тој истакна дека „турската провокација и кршење на меѓународното право од страна на Турција не е покажување сила, туку слабост“, додавајќи дека Грција има силна позиција, но и надградена улога на меѓународно ниво по „големиот и смел историски чекор за решавање на долгогодишниот спор со северниот сосед“.
Грчкиот премиер, за време на состанокот, телефонски разговарал со претседателот на Кипар Никос Анастасиадис за координирано да реагираат.
– Се договоривме во следниот период да се активираме за да го подготвиме теренот, следната седмица на самиот на лидерите да се донесат соодветни одлуки. Дури и да се усвојат санкции против Турција, ако се потврди дека се направени дупчења за природен гас во кипарската ексклузивна економска зона. Пораката што сакаме денес да ја испратиме е дека пред сѐ, она што веќе го кажав, порака за апсолутно чувство на безбедност, но истовремено и порака дека оној кој ги крши суверените права на Грција, оној кој ги крши суверените права на Република Кипар, која е земја членка на ЕУ, оној кој го крши меѓународното право во регионот, да знае дека ќе има последици, – рече Ципрас по состанокот.
Според грчки владини извори на вчерашниот вонреден состанок на советот за надворешни работи и одбрана во премиерската палата биле одредени следните дипломатски чекори во координација со Кипар, а министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос штом се врати од состанокот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург ќе го свика националниот совет за надворешна политика во грчкото МНР за да ги извести претставниците на партиите.
За време на денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, шефот на грчката дипломатија, заедно со неговиот кипарски колега, како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи на Грција, ќе ги известат останатите министри за „нелегалните активности на Турција кои ескалираат во кипарската ексклузивна економска зона и ќе побараат потребна поддршка од ЕУ“.