За нов циклус и нова ера во билатералните односи, говореа вечерва грчкиот премиер Алексис Ципрас и германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес-конференцијата по нивната средба во Атина.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, на агендата разговорите Ципрас-Нерјел се најдоа економијата, бегалскиот проблем, грчко-германските односи, предизвиците во пресрет на евроизборите, европската перспектива на земјите од регионот, но и Договорот од Преспа.
Ципрас и Меркел по нивната денешна средба во премиерската палата во Атина рекоа дека многу работи се променети и од првата посета на грчкиот премиер на Берлин, но и по последната посета на германската канцеларка на Атина во 2014 година.
– Навистина се затвора еден циклус. Кога премиерот Ципрас дојде првпат во Берлин, ситуацијата беше целосно различна и требаше да научиме како можеме добро да соработуваме заедно, дури кога секој од нас имаше различни позиции. Тоа го постигнавме, бидејќи се разви доверба меѓу нас и работите ги видовме искрено, секогаш имајќи ја на ум целта за изнаоѓање решение. Знам дека грчкиот народ, луѓето тука, поминаа многу тежок период преку програмите, период во кој Грција добиваше поддршка, а Германија придонесе во тоа, но во главно Грците беа тие што требаше да поминат тешки и болни реформи – рече германската канцеларка и додаде дека она е што сега важно е Грција да застане на свои нозе.
Грчкиот премиер изјави дека во минатото било потребно да се води битка со стереотипите „за авторитарниот Германец и мрзливиот Грк“, кои оставија печат во јавниот говор, истакнувајќи дека овој пат Меркел дошла во една поинаква Грција во однос на 2014 година кога последен пат ја посети Атина.
Тогаш Ципрас беше заедно со демонстрантите кои протестираа против посетата на Меркел. Токму ова беше и едно од прашањата упатени до грчкиот премиер на прес-конференцијата за промената на неговиот став.
Ципрас рече дека од позиција на премиер „е потребно да најдеш реален пат и решенија што ќе бидат корисни за сите“.
– Кога си во позиција на премиер обврзан си да ги претставуваш сите граѓани од земјата, сите Грци и Гркинки и ова е позиција која ти носи одговорност за да го најдеш најдоброто можно решение во корист на сите оние што ги претставуваш. Ги претставуваш и оние што протестираат и оние што се плашат од протестите. Ги претставуваш и оние што се невработени и оние што се плашат да не ја загубат работата – рече грчкиот премиер.
Ципрас на прес-конференцијата откри дека Германија во 2020 ќе биде почесна земја на Меѓународниот саем во Солун.
Тој рече дека верува оти односите меѓу двете земји се одлични, но „не ги забораваат нерешените прашања што ги остави историјата, како што се воените репарации или наметнатиот окупациски заем“.
По средбата во премиерската палата, Ципрас и Меркел, разговорите ги продолжија на вечера во ресторан во Пиреја.
Паралелно со средбата, во центарот на Атина се одржаа и протести против посетата на Меркел, организирани од левичарски и анархистички групи и организации.
Дел од демонстрантите се судрија со полицијата откако се обидоа да го пробијат полицискиот блок и да стигнат до грчкиот Парламент.
Фото: EPA/SIMELA PANTZARTZI