Грчкото претприемништвото има можност да игра водечка улога во економскиот развој на Северна Македонија поради важниот и позитивен моментум што го создаде Договорот за Преспа, рекол грчкиот премиер Алексис Ципрас, за време на состанокот во Солун со околу 40 бизнисмени од Северна Грција на тема „Развојните перспективи на бизнисите од Северна Грција по Договорот од Преспа“, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Според истите информации Ципрас ги повикал грчките бизнисмени да ги искористат можностите создадени со договорот и им рекол дека владата со своите иницијативи ќе создаде соодветни предуслови. Во однос на реакциите за решението меѓу двете земји, грчкиот премиер ја нагласил потребата сите страни да функционираат врз основа на националниот интерес.
На состанокот присутни биле и заменик министерката за Македонија и Тракија Елефтерија Хаѕигеоргиу и директорот на канцеларијата за финансии на премиерот Јоргос Ципрас, а средбата одржана во Солун, беше во пресрет на посетата на грчкиот премиер на Скопје, веројатно во вторник на 2 април, јави дописничката на МИА од Атина.
Во бизнис делегацијата што ќе го придружува Алексис Ципрас за време на посетата на Северна Македонија, според грчката новинска агенција АНА-МПА, како што вчера објави МИА, ќе бидат вклучени над 70 големи и средни грчки компании.
ФОТО: EPA-ORESTIS-PANAGIOTOU