Ципрас во Москва да ги „затопли“ односите на Грција со Русија

65

Со полагање венец на споменикот на Незнајниот јунак во Москва, грчкиот премиер Алексис Ципрас ја започна еднодневната работна посета на Русија.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас се сретна со неговиот руски колега Димитри Медведев, а потоа ќе има и 30-минутна тет-а-тет средба со претседателот на Русија, Владимир Путин.

Предвидено е потоа разговорите да продолжат на работен ручек, а ќе бидат потпишани и билатерални договори во повеќе области.

Според најавите од Грција, на агендата разговори на Ципрас со рускиот државен врв ќе се најдат билатералните односи, економската соработка, руските инвестиции во Грција и можностите за зголемување на грчкиот извоз во Русија, „улогата на Грција како столб на стабилноста и безбедноста во регионот“ со акцентот ставен на Источниот Медитеран и Балканот, кипарското прашање, односите ЕУ- Русија, а не е исклучена можноста да стане збор и за Договорот од Преспа.

Денешната посетата на Ципрас на Москва, според грчките медиуми, ќе ги „одмрзне“ и „затопли“ односите на Грција со Русија, откако во текот на летото дојде до нивно заладување по одлуката на Атина, во јули годинава, да протера двајца руски дипломати, а на двајца други да им забрани влез во Грција.

Еден месец подоцна, Москва одговори со контрамерки и забрана за влез во Русија на директорот на политичката канцеларија на тогашниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас и протерување на двајца грчки дипломати.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...