Ципрас без медиуми ги посети населбите зафатени од јулскиот катастрофален пожар

65

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во придружба на министерот за инфраструктура и транспорт на Грција, Христос Спирѕис, денеска, без новинари и медиуми, ненајавено ги посетија населбите Мати и Неос Вуѕас, кои во јули годинава беа зафатени од катастрофалниот пожар во кој животот го загубија 99 лица.

Посетата не беше најавена од Кабинетот на грчкиот премиер, а средбата со локалното население беше далеку од телевизиските камери и медиумите, со оглед на тоа дека денеска штрајкуваат новинарите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Единствено информативниот портал „iRafina“ од Рафина, општината каде што се наоѓаат двете населби, ја објави информацијата за посетата заедно со фотографии.

Ципрас и Спирѕис во кафуле поразговарале со локалното население.

– Дојдовме денеска кога штрајкуваат новинарите, за да не речете дека нашата посета е поврзана со комуникациски трикови. Телевизиите се затворени, разговорот отворен – рекол Ципрас, според порталот, на почетокот на средбата со граѓаните, објаснувајќи зошто решиле токму денеска да дојдат во Мати.

Министерот за инфраструктура ги известил граѓаните за дозволите за градба за оние чии домови претрпеа делумна или целосна штета и рекол дека на почетокот на следната година со булдожери ќе започне уривањето на сите објекти што се изградени врз поранешни речни корита, а сопствениците ќе добијат обесштетување за да градат на друго место.

Грчкиот премиер и при неговата посета на Мати на една седмица по катастрофалниот пожар, одбра тоа да го стори далеку од медиумите и новинарите. Од неговиот кабинет, соопштение за медиумите испратија дури откако заврши посетата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...