Никогаш и од никој не бев уценуван, барам да не се промени ништо во Деловникот за работа на Парламентот, пишува грчкиот премиер Алексис Ципрас во писмото испратено до претседателот на Парламентот Никос Вуцис во пресрет на состанокот на комисијата за Деловникот на работата на Парламентот што ќе се одржи денеска во 14 часот по локално време, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас во писмото го потсетува Вуцис на нивниот разговор минатата седмица кога грчкиот премиер изразил „загриженост за политичката и регулативната ирационалност“ во врска со партиите кои со глас од граѓаните влегуваат во Парламентот, но потоа го губат потребниот број пратеници, а со тоа и правото да формираат пратеничка група. Според грчкиот премиер, неговите размислувања ги делел и претседателот на Парламентот и затоа презел иницијатива за конкретното прашање да разговара со претставниците на партиите „за да се најде потребниот широк консензус за да се поправи постоечката ирационалност“.
– Во изминатите денови, со изненадување, забележувам, особено од најголемата опозициска партија, но и од другите партии од опозицијата, заедно со дел од медиумите, со неверојатна агресивност ја третираат логичната демократска чувствителност. И секако доаѓаат до степен, некои да тврдат и да го претставуваат премиерот дека наводно е уценуван. Поради тоа и со фактот што никогаш и од никој не бев уценуван и со фактот дека не сакам да дозволам никој да ја користи мојата демократска чувствителност за да ме клевети, барам од Вас да не преземете никаква иницијатива за промена на сегашниот Деловник. Ниту во еден интерпункциски знак – му пишува Ципрас на Вуцис и додава дека за било која двосмисленост на постоечкиот Деловник, треба да се побара мислење од научната комисија на Парламентот.
Никос Вуцис во петокот испрати покана до членовите на Комисијата за Деловникот на работата на Парламентот за свикување на конкретната комисија на тема „Измени и дополнување на одредбите од Деловникот за работа на Парламентот“, состанок закажан за денес.
Како што во саботата анализираше МИА, Договорот од Преспа влијаеше на политичката сцена во Грција и настанаа промени во грчкиот Парламент. Пратеничката група на Река повеќе не постои, а Независни Грци се соочуваат со опасност од распаѓање и на нивната пратеничка група.
Сите овие промени на распоредот на силите, отворија дискусија и сценарија во Грција за измени во Деловникот на Парламентот, а дел од медиумите ова го толкуваа како обид „да се спаси пратеничката група на Независни Грци“.
Портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки тврдеше дека Каменос го уценува Ципрас.
Photo: EPA / FRANCOIS WALSCHAERTS / POOL