Групата ЦИВИТАКС ја повикува министерката за труд и социјална политика Мила Царовска да направи јавна презентација на наодите од анализата поврзана со пензиската афера и директно да го посочи основаното сомневање до соодветните органи. Потоа да посочи што е преземено за заштита на правата на даночните обврзници и од каде ќе се надоместат штетите по централниот буџет.
„Централниот буџет и даночните пари не се каса за опростување на криминално работење и за злоупотреби од страна на оние кои ја држат заробена државата туку треба да користат во градење на механизми за заштита од злоупотреба и корупција што не е случај во Република Македонија. Сметаме дека е недопустливо оштетените граѓани да се обесштетуваат со средствата на даночните обврзници (нивни лични средства), а при тоа сторителот да остане непознат. Во вакви услови владата треба да ја преземе својата одговорност и да утврди кој од одговорните и службени лица во МАПАС, ФПИОМ и раководителите на операторите на вториот пензиски столб се приклучил во незаконитото однесување со прикривање и непријавување, како и да ги утврди дирекните одговорни лица, а против нив да поведе постапка за утврдување на одговорноста и за изрекување на со закон предвидени санкции за секое дејствие сторено со намера, сторување или пропуштање“, наведуваат од ЦИВИТАКС.
Според нив, синдикализирање и прикривање на неодговорно и криминално работење долго време се практикува во Република Македонија, на штета на граѓаните и буџетот, а сторителите останале неоткриени.
„Тоа води до неодговорни и неотчетни политички претставници кои ја злоупотребуваат функцијата за политички цели на најнизок и најдрзок начин, ја еродираат ефикасноста на јавните финансии, го прават бесмислено постоењето најмалку на регулаторни тела, внатрешна ревизија, надворешна ревизија и јавно обвинителство. Вакво однесување добива загрижувачки и алармантни димензии, особено затоа што создава впечаток за недопирливост и монолитност на политичките елити и нивно влијание над работата на регулаторните тела и независните институции“, подвлекуваат од Групацијата.
Вакво однесување, додаваат од ЦИВИТАКС, добива загрижувачки и алармантни димензии, особено затоа што создава впечаток за недопирливост и монолитност на политичките елити и нивно влијание над работата на регулаторните тела и независните институции.
Оттаму потсетуваат дека слични сомневања за незаконито однесување во ФПИОМ се откриени и во 2016 година кога се објави дека не се исплаќале пари во вториот пензиски столб.
„Случајот објавен деновиве потврдува дека во Република Македонија институциите не посветуваат внимание на основите за сомневање на злоупотреби и незаконитост во работењето на поединци и одговорни службени лица од институциите со кои се оштетени поединци. На тој начин актерите на еродираната правна држава, поради која и го добивме посебниот извештај од Г-дин Прибе и натаму ја држат заробена и не дозволуваат да функционира правната држава“, велат од групацијата.