ЦЕФТА е мртва, да живее ЦЕФТА!

ЦЕФТА е најдобрата потврда дека државите од Западен Балкан сѐ уште не се спремни за влез во ЕУ. Тоа ќе биде позитивен сигнал уште еднаш да се обидеме да ги надминеме балканските недозреаности и со помош на ЦЕФТА ДА НАПРАВИМЕ ЧЕКОР НАПРЕД.

626

Централно европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) за голем дел од последните држави кои ѝ се приклучија на Европската Унија служеше како предворје пред приклучувањето на Унијата, односно како своевидна генерална проба за единствениот пазар. Првобитниот ЦЕФТА договор е потпишан од земјите од Вишеградската група, односно Полска, Унгарија и Чехословачка на 21 декември 1992 во Краков, во Полска, и истиот стапил на сила во јули 1994. За овие земји ЦЕФТА значеше златен тикет за забрзан влез на единствениот пазар на ЕУ – овие земји не само што бележеа рапиден раст на меѓусебната размена во годините кои претходеа на пристапувањето на ЕУ, туку и создадоа цврста заедничка основа тој раст забрзано да продолжи и откога станаа членки на Унијата.

Регионот на Западен Балкан, за жал, не може да се пофали со идентичен скор. Иако за земјите од Западен Балкан се применува речиси 12 години, бројките покажуваат дека економските ефекти од овој договор се, во најмала мера, скромни, па дури и разочарувачки. Вкупниот обем на размена со земјите од ЦЕФТА регионот учествувал со нашата вкупна размена со 20,5% во 2008 година, а во 2017 година се свел на само 10,56%, односно од вкупната размена во вредност од 2,18 милијарди САД долари во 2008 година, во 2017 година вкупната размена со земјите од ЦЕФТА регионот е сведена на 1,41 милијарди долари. При тоа, македонскиот извоз кон ЦЕФТА земјите во 2008 година бил 1,41 милијарди долари (или скоро 35,5% од вкупниот извоз), додека во 2017 година кон земјите од ЦЕФТА регионот бил реализиран извоз во вредност од само 671 милиони САД долари (односно вкупно 11,84% од вкупниот извоз).


Кога на ова ќе се придодаде околноста дека речиси секоја година откога членки на договорот се земјите од Западен Балкан решаваме „кризна ситуација“ каде некоја земја решава да воведе вонредни трговски мерки, од само за неа јасни и оправдани причини, станува јасно зашто треба да го покренеме прашањето за неговото преиспитување. Двата косовски примера во изминатите неколку месеци се само дел од таа неславна практика на државите членки на ЦЕФТА, прекуграничните политички прашања да се обидуваат да ги решаваат со економски мерки – пред тоа, такви примери имаа и Србија, и Босна и Херцеговина, па дури и Македонија. Но, во таквите ситуации никој не добива – а загубата е заедничка за економијата на сите земји од Западен Балкан. Без инструменти и механизми да се осигурува неговата доследна примена во секој момент, сѐ додека треба да се применува во вакво општествено-политичко милје како што е регионот на Западен Балкан, ЦЕФТА договорот е мртов.

п.с. ЦЕФТА е најдобрата потврда дека државите од Западен Балкан сѐ уште не се спремни за влез во ЕУ. Тоа ќе биде позитивен сигнал уште еднаш да се обидеме да ги надминеме балканските недозреаности и со помош на ЦЕФТА ДА НАПРАВИМЕ ЧЕКОР НАПРЕД.

(Авторот е заменик претседател на Коморскиот Инвестициски Форум)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...