Словенечкиот министер за надворешни работи, Миро Церар денеска изјави дека на италијанскиот колега Енцо Моверо Миланези му предложил Италија и Словенија да формираат заеднички патроли за контрола на илегалната миграција на границата.
– Нелегалните премини треба да се спречат колку што е можно поскоро и на тој начин да се даде јасен сигнал на криминалците кои сериозно ја поттикнуваат таквата нелегална миграција – рече Церар по состанокот со Миланези во Брисел, на маргините на средбата на шефовите на дипломатиите на ЕУ.
Како што пренесуваат словенечките медиуми, италијанскиот министер позитивно ја примил иницијативата и двајцата се договориле да ја пренесат идејата на министрите за внатрешни работи, со цел и тие да ја разгледаат.
– Прашањето за безбедноста и миграцијата во ЕУ треба да се реши заеднички, така што шенгенската контрола би била непотребна – рече шефот на словенечката дипломатија.