Пристапот на автомобилите во прочуениот њујоркшки Централ парк ќе биде забранет летово, по повеќе од еден век, изјавил градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио.
Тој на новинарите им рекол дека со забраната на пристап на автомобилите, патиштата во Централ парк ќе им ги вратат на пешаците, тркачите и на велосипедистите.
– Тоа не беше намената на паркот, да биде изграден за автомобили. Тој, буквално, е изграден пред постоењето на автомобилите. Изграден е за луѓето – изјавил Де Бласио.
Тој додал дека на моторџиите им е забранет пристапот во северниот дел на паркот уште во 2015 година, и дека новата забрана го подразбира цел парк, освен четири попречни патишта, кои се изградени според оригиналниот план на паркот, за потребите на сообраќајот.
Одлуката, чија цел е да се намали бројот на сообраќајни несреќи и загадувањето на воздухот во најпосетуваниот урбан парк во САД, стапува во сила на 27 јуни, пренесува Гардијан.
– Тука ќе постои некој вид на мир и чувство на сигурност, кои порано не постоеле – заклучил Де Бласио.
Повеќе од 43 милиони луѓе годишно го посетуваат Централ парк, кој зазема површина од 325 хектари на Менхетен.
Паркот на Менхетен, кој се состои од зоолошка градина, вештачко езеро, езера за пловење, како и простор за одржување на разни случувања, прогласен е за национална историска знаменитост од 1962 година.