Целуфките на бате

На Софија треба да ѝ биде јасно дека волјата на Македонците да изградат братска блискост со Бугарите сепак не значи дека ние ги прифаќаме тезите за бугарскиот карактер на македонската нација и дека во иднина секој настан од нашата заедничка историја ќе го брендираме како бугарски. Тоа не е заедништво, не е фер однос меѓу искрени пријатели, не е добрососедство.

5606

Секоја приказна има свој почеток. Така и приказната за „невнимателната“ изјава во која премиерот Зоран Заев Илинденското востание го нарече македонско, по што беше принуден да се објаснува, а бугарските државници Бојко Борисов и Румен Радев на крајот јавно го искараа, оти „извинувањето“ не било според нивните очекувања.

Оваа приказна, имено, почнува со целуфките, со кои Заев и Борисов го потврдија договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Овој договор, меѓу другото, предвидува делови од нашата историја да ги третираме како заеднички со историјата на Бугарите. Не сум против тој пристап. Напротив. Но, Заев морал да знае дека целуфките во принцип се вовед во „сексот“, а тој, пак, секогаш поставува сериозни прашања, меѓу кои најсериозно е она за профилаксата.

Јасно ли е ова? Според однесувањето на премиерот и на неговата служба за односи со јавноста, изгледа дека сепак не е јасно…

Да објаснам. Во случајов, не е исто да се каже дека Илинденското востание е македонско и да се каже, на пример, дека востанието одиграло клучна улога за самобитноста и државотворноста на македонската нација. Нијансите се исклучително важни. А по кој знае кој пат ќе нагласам дека не е работа на Заев да ги „лови“ тие нијанси, но негова е одговорноста да си најде поупатени и пописмени луѓе во тимот што се грижи за неговите јавни настапи. Тие луѓе треба да ги предвидуваат сите можни проблеми, да ги нијансираат изјавите на својот шеф, а тој има обврска да ги учи на памет и така никогаш нема да биде „невнимателен“.

Ете, толку е просто. А кога премиерот сепак ќе згреши, истите луѓе, малку поупатените и пописмените, треба да го подучат шефот дека и тој е човек со право на грешка, дека не треба да се „извинува“ и да ја комплицира ситуацијата, туку проблемите да ги решава поелегенатно. Како? Е тоа е веќе малку посложена задача, што немам намера да ја образложувам јавно. Има начин, ама сака знаење, умеење, такт и трпение.

Инаку, историјата е прилично јасна за карактерот и за целите на Илинденското востание. Во прогласот на Централниот комитет на ВМОРО до „големите сили“, пред востанието, се спомнуваат Македонија и Одринско. Крајната цел на востанието е автономија на Македонија. Во секоја смисла, значи, востанието е македонско (без оглед кој како го сфаќа значењето на таа придавка), иако факт е и тоа дека во неколку подрачја во поширокиот регион во исто време се покренати и други востанија и буни против Отоманската империја.

Но, да се вратиме во сегашноста. На Софија треба да ѝ биде јасно дека волјата на Македонците да изградат братска блискост со Бугарите сепак не значи дека ние ги прифаќаме тезите за бугарскиот карактер на македонската нација и дека во иднина секој настан од нашата заедничка историја ќе го брендираме како бугарски. Тоа не е заедништво, не е фер однос меѓу искрени пријатели, не е добрососедство.

Секоја приказна има и свој крај. Да се надеваме дека од оваа несреќна епизода сите ќе извлечат поука и дека крајот сепак ќе го краси делото започнато со првите целуфки меѓу двајцата државници. И дека за тоа нема да мора да го чекаме следниот Илинден.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...