Целата власт во Турција од денес во рацете на само еден човек, Ердоган

Актуелниот шеф на турската држава Реџеп Тајип Ердоган денеска првпат ќе положи заклетва како претседател во нов политички систем, каде ќе ја има целата извршна власт.

175

Актуелниот шеф на турската држава Реџеп Тајип Ердоган денеска првпат ќе положи заклетва како претседател во нов политички систем, каде ќе ја има целата извршна власт.

На церемонијата на полагањето на заклетва на Ердоган ќе присуствуваат 22 претседатели, 28 премиери и претседатели на парламенти.

Ердоган беше реизбран на изборите на 24 јуни со повеќе од 52 проценити од гласовите и доби мандат да управува со земјата во следните пет години.

Со тоа стапува во сила новиот политички систем во Турција. Според едни аналитичари тоа е „претседателско владин систем“ а според други „претседателски систем од турски тип“.

Независно од тоа како се нарекува тој прилично ќе се разликува од досегашниот парламентарен систем. Ердоган ќе добие ингеренции какви што досега немал ниту еден турски лидер со исклучок на Мустафа Кемал Ататурк.

Ердоган во исто време ќе има три функции – претседател на Турција, шеф на Влада и лидер на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП). Бидејќи се укинува премиерската функција ингеренциите ги презема Ердоган, кој ќе има право да именува министри, да избира и именува судии и обвинители, а ќе раководи со одбраната и националната безбедност односно останува врховен командант на турската армија, како и со Дирекцијата за религиозни прашања.

Ердоган ќе може да владее преку декрети.

Претседателски декрет број еден- Правници и експерти неколку месеци работат врз документот, што ќе претставува фактичка организациска шема на новиот систем на управување со државата. Предвидено е системот да има и двајца заменици претседатели, но може да бидат и повеќе.

Со декретот број еден Ердоган официјално ќе го објави составот на новиот Кабинет. Според извори на претседателскиот кабинет ќе има 16 наместо досегашните 23 министри а потоа девет високи комисии задолжени за различни сектори.

Турскиот Парламент најстарата институција во земјата (основан на 23 април 1923 година) ќе има 600 пратеници, а досега имаше 550. Пратениците положија заклетва на 24 јуни. Во досегашниот парламентарен систем премиерот задолжително требаше да биде пратеник и се избираше од мнозинството пратеници. Во новиот систем Ердоган ќе раководи со министрите кои сега ќе можат и да не бидат пратеници. Друга новост е тоа што од именуваниот кабинет на Ердоган нема да се бара гласање на доверба, како што беше досега.

Досегашниот премиер Бинали Јилдирим се очекува да ја преземе функцијата на претседател на Парламентот. Владејачката АКП во саботата го номинра Јилдирим за свој кандидат за функцијата претседател на новиот турски Парламент.

Првата седница на новиот Кабинет ќе биде на 13 јули.

Се претпоставува и дека на 15 јули, на двегодишнината од неуспешниот државен удар Ердоган ќе ја укина вонредна состојба, како и дека ќе потпише указ со кој ќе биде укината забраната за патување во странство на околу 180.000 турски граѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...