Цвеќе за мирисање

Дами и господ другари од власта, вие сте цвечките во нашата икебана и затоа мора да внимавате таа да не ни свене и да не се усмрди. А тоа се постигнува со редовно полевање, со редовно ѓубрење и најважно, според моето скромно искуство од областа на хортикултурата, со навремено и бескомпромисно поткастрување на сите суви гранчиња и изветвени листови.

3147

Не знам зошто, ама некако, тешко се разбираме во последно време… Навистина ми е жал што луѓе од опкружувањето на Зоран Заев упорно ја игнорираат лажната вест што ја шират некои непрокопсаници, дека намерно сум произведувал афери и скандали за да го урнисам рејтингот на СДСМ пред референдумот за името. На таа багра ѝ се обратив на Фејсбук и отворено ѝ порачав дека не ме интересира како власта ја доживува мојата критика, дека не ме плаши тоа што сум маркиран како „мрчатор“ и што баграта секојдневно ме почестува со најдолни навреди. Нема да успеат ме замолчат будали и ебиветровци. Колку повеќе се обидуваат, толку повеќе растат мојата одлучност и мојот револт.

Се мора ли така?

Искрено, веќе не ми е лесно да ги раздвојам личните од општествено релевантните причини за својата лутина. Имам јас свои слабости, не сум цвеќе за мирисање. Тоа е, што би се рекло, личниот дискурс. Но, факт е дека јас, како и еден мал одред интелектуалци, цела една деценија од мојот живот вложив во жестока битка со режимот на Груевски. Тоа не беше борба за освојување на власта – барем не за мене, бидејќи мене власта никогаш не ме интересирала – туку за вредности и за принципи. Е тоа е веќе општествено релевантниот агол на приказнава. Нејсе, мачно ми е сега на некакви бедни конвертити, кои целиот тој период мудро си молчеа, се фемкаа и менуваа партии и мецени, да им објаснувам за кои вредности беше нашата заедничка, нерамна борба. Од нашите високи, највисоки цели, што тогаш си ги поставиме, нема и не може да има „повисоки“, такви заради кои денес би морале да молчиме, да аплаудираме, да аминуваме и да затвораме очи пред некои постапки на власта кои се разочарувачки.

Последен пример е критиката за тендерот за хортикултурно уредување на државните институции, вреден 630.000 евра. Не е голема ујдурма, не се големи пари во прашање, но принципот е битен. Прашања се ројат. Се мора ли така? Се мора ли толку? Ако се тргнат настрана хејтерските коментари на пропагандистичката багра, во полемиката што се разви слушнав и разумни контрааргументи на моето тврдење дека во прекрубојната администрација мора да има резерва од 25 луѓе, кои веќе се на буџетски јасли и кои би можеле да ја преземат не толку сложената задача хортикултурно да ги суредуваат државните објекти. И така трошоците значително да се намалат.

Колегата Зоран Петров, на пример, со кого понекогаш со задоволство полемизирам (бидејќи кај него нема злоба и блесави подметнувања), тврди дека мојата замисла не е остварлива, бидејќи луѓето во администрацијата нема да прифателе „физичка работа“. Тој има многу добра, баш реформска идеја, да се обноват идеите за алтернативно служење на затворските казни, па во претрупаните затвори да се бара кадар за вршење на вакви и слични задачи. Но сепак, јас останувам на моето убедување и сега ќе го покрепам со еден директрен аргумент. ЈП Македонски шуми, претпријатие со инфраструктрура низ целата земја, секогаш било и веројатно и понатаму ќе биде дувло за вработување партиски кадар. Нема ли во ова претпријатие резерва од 25 „физички“ работници, од кои би се формирало едно одделение за оваа намена? Тешко ќе ме убеди некој дека нема…

Што стана со ветувањата?

Но ајде, да не банализирам сега. Расправава е за методите. Што правиме јас и Петров? Разговараме. Размислуваме дали може поинаку, дали има реформски решенија. Мора да се разговара за тие нешта, бидејќи и пред и после референдумот, реформите ќе бидат нашиот императив во сите области на општествениот живот. Да не ве потсетувам дека Брисел постојано баш за тоа нè опоменува.

Еден од пристапите во реформата на јавната администрација мора да биде да се искористат сите внатрешни резерви на постоечкиот државен апарат. Втор важен пристап мора да биде намалување на непродуктивните јавни трошоци (користењето службени возила, на пример). Конечно, сето тоа не заради мојот личен кеиф, туку заради клучниот приориотет на владините политики – што помало оптоварување и што поголема поддршка на реалниот сектор на економијата, од кој треба да се земат пари и за админиситрацијата, и за пензионерите и за сите други социјални трансфери.

Не е ова нуклеарна физика, за тешко да се разбере. Веројатно некој од некогашната опозиција, односно од сегашната власт, се сеќава дека за ова многу се зборуваше за време на борбата против режимот на Груевски. А и многу се ветуваше. На пример, се ветуваше дека нема да има сомнителни тендери, дека нема да има луксузирање, дека нема да има клатење врата и земање плата, дека ќе има нулта толеранција за криминалот и за корупцијата и дека ќе се работи посветено и одговорно.

Ако е така, од каде сега овие глупави прашања „зошто се произведуваат афери“ и тоа „баш пред референдумот“? Па јас ли ги распишувам тендерите? Јас ли потоа ги поништувам? Јас ли трупам советници и надсоветници во владата и во министерствата? Јас ли ги терам државните функционери на корупциско поведение? Конечно, јас ли го избирам тајминот? А да поставам контрапрашање – што им текна на дечките од владата баш сега да го распишат тој тендер за хортикултурно уредување? Ќе свенат ли цвеќето и грмушките до референдумот?

Не, дами и господ другари од власта, вака тешко ќе се разбереме. Јас имам право да кажам дека не сум, но вие не можете да се оправдате, велејќи дека и вие имате право да не сте – цвеќе за мирисање. Не, жалам, вие немате право на тоа. Вие сте изборот на овој народ, вие сте луѓето кои високо го кренаа бајракот и презедоа одговорност да ги исполнат предизборните ветувања. За кои се боревме и принесовме жртви. Вие сте цвечките во нашата икебана и затоа мора да внимавате таа да не ни свене и да не се усмрди. А тоа се постигнува со редовно полевање, со редовно ѓубрење и најважно, според моето скромно искуство од областа на хортикултурата, со навремено и бескомпромисно поткастрување на сите суви гранчиња и изветвени листови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...