„Цветната улица“ на Театарот за деца сo стота изведба

83

Театарот за деца и младинци утре ја слави јубилејната стота изведба на претставата „Цветната улица“ во режија на Наташа Поплавска. Во таа чест претставата ќе се одигра два пати и тоа дневна изведба од 10 часот која е организирана за ученици од основни училишта, а вечерната изведба ќе се одигра од 19 часот пред нашата редовна публика.

Цветната улица“ е заеднички проект на Театарот за деца и младинци од Скопје, Делегацијата на Европската Унија во Македонија и независната театарска куќа Арт Медиа од Скопје, а премиерно беше изведена во јуни 2012-та на сцената на театарот.

Драматизацијата на претставата е на реномираниот писател за деца Киро Донев, а подлошка за текстот е направeна според брошури на Европската Унија наменети за подигање на свеста кај најмладите во доменот на екологијата и заштитата на здравата животна околина. Авторите на претставата режисерот Наташа Поплавска, сценографот Емил Петров, кореографот Олга Панго, композиторот Џенгиз Ибрахим и костимографот Александар Ношпал успеаваат да создадат поучна и забавна современа претстава со современи проблеми, како што е загаденоста, големиот сообраќај во градовите, загадување на природата со отпад, а ги учи и најмладите и на рециклирање и создавање ново од старо. Така за оваа претстава сценографијата и костимографијата се направени од материјали за рециклирање.

Иницијативата за оваа соработка потекнала во 2012 година од делегацијата на Европската Унија во Македонија во соработка со Организацијата за развивање на уметност и културна соработка Арт медиа чиј претседател е токму режисерот Поплавска. За Поплавска ова е прва соработка со Театарот за деца и младинци, која донесе богат плод, односно 100 изиграни претстави. Директорката на театарот, Кети Илиевска Силјановска повторно ја активира претставата која беше во мирување минатата година. Уште веднаш на почеток на оваа театарската сезона Илиевска Силјановска презеде иницијатива претставата да се врати на репертоарот.

Во претставата премиерно улогите ги толкуваа: Владимир Лазовски како Раскажувачот, Марија Ѓорѓијовска како лисицата Лила, Мики Анчевски во улогите на Армандо и Бени, Емра Куртишова во улогата на Флора и Бојан Кирковски во улогата на Том, а од оваа сезона во претставата „Цветната улица“ влегува актерот Ненад Митевски како Раскажувачот.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...