За да ги задржиме младите во државата и да им обезбедиме квалитетен начин на живеење воведовме мерки за вработување, преквалификација и доквалификација кои ги адаптиравме на нивните потреби. Младинската гаранција веќе покажа дека враќањето на довербата на младите лица во институциите дава резултати, рече денеска вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресурси, Мила Царовска.
Таа додаде дека Владата инвестира во обезбедување добри работни места за младите, а како пример ја посочи и ИТ индустријата, која како што рече, е индустрија што навистина може да исплати добри плати, а младите можат брзо да ги совладаат вештини кои им се потребни.
– Одливот на мозоци со години се случува и можам да кажам дека Светска банка имаше извештаи во кои кажа дека изминативе 10 години половина милион од нашето население е иселено, специфично и младите лица. Затоа ние не инвестираме во слабо платени работни места, како што тоа беше пример претходно – рече Царовска.
Вицепремиерката како пример го наведе дуалното образование што се пилотира оваа година и кое што, според неа, покажува дека младите се стекнуваат со вештини и стануваат работоспособни или повработливи и директно можат да се вклучат на пазарот на труд.
Паралелно, таа појасни и дека работат на субвенционирање на повисоки плати, се со цел, како што рече, кога младото лице ќе се вработи да почувствува задоволство од висината на својата плата и понатаму да се гради и да може да напредува.
– Воведовме младинска гаранција, помина Законот за младински додаток, се со цел младите да ги насочиме и кон индустрија која што вистински произведува повеќе и која што навистина создава можност за раст на економијата, затоа што ако немаме вакви мерки коишто навистина се насочени кон младите и нивно задржување тука, малку може да очекуваме дека тие нема да го искористат предизвикот да излезат надвор – рече Царовска.
Таа потсети дека преку Агенцијата за вработување во 2019 и 2020 година заедно со МАСИТ како Стопанска комора на ИТ индустријата, дизајнирале обуки кои младите можат брзо да ги насочат во оваа индустрија.