Министерката за труд и социјала, Мила Царовска, се обрати на регионалната Конференција за родово-одговорно буџетирање, која се одржува на 22-23 мај 2018 година во Скопје.
Царовска нагласи дека вклучувањето на родовата перспектива во политиките, стратешките планови и буџетите е еден од приоритетите. Притоа, сите кои се вклучени во буџетското планирање мора да бидат свесни дека населението не е хомогена група, а алоцираните средства треба да одговорат на потребите на сите граѓани.
– Родово одговорното буџетирање не е прашање на борба помеѓу мажите и жените. Напротив, тоа е прашање со кое ние создаваме еднакво општество, во коешто ги распределуваме финансиските средства на поправеден начин. Родово одговорното буџетирање е алатка којашто итно треба да ја воведеме и во органските закони, но и во пракса. Нема да кажам дека тоа е лесно и едноставно или дека утре ќе се случи. Но сите заедно се заложивме од првиот ден и работиме тоа да стане реалност во нашата држава – изјави Царовска.
Министерката посочи дека со ОН жени сe дискутира и за потребата за регионален центар за споделување знаeња за родово одговорно буџетирање. Со оглед на посветеноста на македонската влада на родовите прашања, нашата земја би можела да го менаџира овој пат и на тој начин заеднички да ја развиваме економијата и човечкиот капацитет во регионот.