Царовска: Нема да се зголемува старосната граница за пензија, се воведува социјална пензија

2507

Министерката за труд и социјална политка, Мила Царовска денеска ја презентираше во целост социјалната реформа, а зборуваше и за сет на мерки со кои се решаваат дел од наталожените проблеми и се обезбедува стабилен и праведен пензиски систем.

Министерката Царовска рече дека со средствата од фер даноците ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која практично на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300 отсто.

– Со оваа мерка директно влијаеме за намалување на сиромаштијата кај најранливите категории, но исто така создаваме и група на граѓани коишто ќе можат да бидат активирани и вклучени на пазарот на трудот, она што и е потребно на македонската економија. Дополнително воведовме образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца затоа што детската сиромаштија е најскапа сиромаштија и Македонија не може да си ја дозволи истата – рече министерката Царовска и додаде дека детски и образовен додаток ќе можат да користат и вработените лица што работат за минимална плата.

Во однос на реформата во пензискиот систем, министерката Царовска рече дека се работи на стабилизација на пензискиот систем и нагласи дека нема да има зголемување на старосната граница и нема да има замрзнување на пензиите, а ќе се интервенира со цел да се стави под контрола буџетскиот дефицит во ПИОМ кој за 10 години се зголеми за 150 отсто заради несоодветни политики, ќе се решат проблемите со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и нееднаквата распределба во двостолбниот пензиски систем.

– Правиме минимална корекција на стапките на придонес за пензиско и инвалидско осигурување  и здравствено осигурување за вкупно 0,5 процентни поени. Втората мерка е дека воведуваме јасен критериум за влез во двостолбен систе, а тоа е денот и годината на раѓање, до 01.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб, по нивна желба и со тоа даваме можност граѓаните да имаат поповолни пензии. Затоа што имаме излегување на ваков тип на пезнионери и ќе видиме дека пензиите им се нереално ниски, сега им даваме можност да се вратат и да добиваат пензија од првиот столб. Исто така ќе може сите оние коишто користат бенефициран стаж сите да се вратат и да добијат пензија само од прв столб. Во моментов во таква поволна ситуација се вработените во МВР и во одбрана, а најранливите се во двостолбен систем и имаат нереално ниски пензии. Ние го правиме системот праведен за сите оние коишто имаат бенефициран стаж вклучително и рударите да се вратат во прв столб и да си ги добијат пензиите коишто им следуваат, висината на пензии да биде поповолна – истакна министерката Царовска.

Министерката Царовска потенцираше дека мора да се води грижа за сегашните и идните пензионери и дека пензиите ќе се усогласуваат 2 пати годишно со трошоците на живот, а ќе има дополнително усогласување доколку растот на БДП во претходната година надминал 4 отсто. Се воведува и социјална пензија за граѓани кои немаат никакви приходи, имаат еден ден работен стаж имаат наполнето 65 години која ќе изнесува 40 отсто од просечната исплатена пензија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...