На смртната постела на Советскиот Сојуз, Русите користеа хумор за да ја избегнат темната реалност на економската стагнација, недостигот на храна и долгите редови – анализира Би-Би-Си.
Политичката сатира цветаше на телевизија во 1990-тите, но бргу по пристигнувањето на Владимир Путин на власт, сè се промени.
Во денешна Русија, каде што медиумите се под голема контрола на Кремљ и на сојузниците, нема многу простор за вистински политички хумор, освен ако Владата не го користи за да ја префрли сопствената вина на друг играч.
Како Русија ги претвори критиките во шеги
Хуморот и смеата беа клучен дел од одговорот на Москва на соопштението од Велика Британија дека е „многу веројатно“ Русија да стои зад труењето на поранешниот шпион Сергеј Скипал и неговата ќерка Јулија.
Руските претставници и медиумските личности од тогаш се обидуваат англиската фраза „многу веројатно“ да ја претворат во изговор според кој Русија е виновна за се – но со најтајни докази.
Тие искористија голем број популарни личности од англиската литература, како што се Херкул Пуаро на Агата Кристи и Шерлок Холмс на Артур Конан Дојл, за да ги исмеваат наводите на Велика Британија за вмешаноста на Русија во труењето, кои Москва ги смета за неосновани.
Роман Доброкотов, чиј истражувачки сајт Инсајдер, беше вклучен во откривањето на еден од двајцата осомничени за труењето, Анатолиј Чепига, вели дека таквото потсмевање има за цел „намерно да го намали нивото на дискусија“.
Како функционира стратегијата
– Тие не можат да одговорат сериозно и со поента, па почнуваат да играат. Ова е обид за потсмев, сведување на се на ништо, изјави Доброкотов за Би-Би-Си.
Заедно со теориите за заговор и погрешните наративи, тврди тој, целта на таквата тактика е да се посее сомнеж.
Последиците се дека многу помалку посветени следбеници на социјални и политички околности, заклучуваат дека не постои начин да се дојде до изворот на она што се случило. Со други зборови, тој вели: „Никој не е светец, вистината не постои“.
Интернет публиката е клучна цел на оваа техника.
Хаштагот #ЯtožeIzGRU (И јас сум од ГРУ) – се чини дека е инспириран од движењето #MeToo. Твитерашите поддржувачи на официјалната политика на Москва им се потсмеваа на обвиненијата од Велика Британија против руската воена разузнавачка агенција ГРУ (сега ГУ).
Во еден лажен оглас за работа било наведено дека ГРУ барала „работници за одделот за кибер напад, хемиско оружје и единица за мешање во избори“.
„Нема потреба да се пријавувате – ние сами ќе ве најдеме“, пишуваше во огласот.
Бен Нимо, истражувач од Атлантскиот совет за дезинформации во Русија, изјави за Би-Би-Си дека обидите да се создадат интересни и смешни содржини биле дел од стратегијата за „дезинформарање за информатичката ера“.
Зошто Путин нема граници
Употребата на хумор за влијание во кампањите во Русија е релативно понова појава.
Кога Владимир Путин дојде на власт во 2000 година, една од првите жртви беше популарната сатирична телевизиска емисија Кукли.
Оваа сатирична емисија на почетокот од 2000-тите го исмејуваше Путин, но нејзините денови беа одброени.
Телевизијата е главен извор за информирање за повеќето Руси и хуморот е заменет со аполитични и безбедни шеги кои внимателно избегнуваат критика на Путин и неговото опкружување.
Повеќето од хумористичните програми на руската државна телевизија денес не допираат политички теми, или директниот хумор е насочен кон странските противници на Кремљ.
Да ја земеме една од најгледаните емисии КВН.
Минатата година, по повод самитот на Г-20, Путин беше прикажан како спортист, вешт џудист кој со игра ги надмина своите западни колеги.
– Донесоа хумор на сцената, вели авторот Петер Померанчев, кој и самиот работел како продуцент на руската телевизија.
Иако хуморот некогаш беше закана за нивните советски претходници, Кремљ сега го сврте во сопствена корист.