Христијан, да не решат Америте да ти врзат машна…

Идеолошката линија по која Мицкоски и неговите поддржувачи го прават засекот во партиското тело, за да го одвојат „предавничкото“ ткиво, е политиката што ВМРО-ДПМНЕ го води во конфликт со Западот, со САД, НАТО и со ЕУ. А антизападната политика, долгорочно гледано, во Македонија нема да мине.

7949

Пред да се формира новото двотретинско парламентарно мнозинство, што ќе го спроведе процесот на уставна имплементација на Договорот од Преспа, овде, на ова место, напишав: „…Навистина губам надеж дека ќе ја заграпчиме оваа шанса. Во оваа генерација македонски политичари, во вакво поделено и конфликтно општество, јас не гледам потенцијал за историски исчекор напред. А дај боже да не сум во право, да ни се случи нешто убаво и после на мене да остане кабаетот“.

И ете, излезе дека не сум бил баш во право. Очигледно, не сум добар прогностичар. Си ја знам и мааната. Премногу се потпирам на анализа на автентичните процеси и движења, а премалку на она што се случува далеку од очите и ушите на јавноста. Ми велат дека грешам и сега, кога велам дека колку и да изгледа „јуначки“ потегот на Христијан Мицкоски (фамозните „исклучувања“ од партијата), тој сепак е лузерски и очајнички, бидејќи антизападната фракција на ВМРО-ДПМНЕ нема иднина.

Ги слушнав и јас, се разбира, тезите дека целиот тој театар на седницата на Централниот комитет на ДПМНЕ, бил, всушност, добро осмислено сценарио за „перење на одговорноста“, дека нема суштинска разлика меѓу видните членови на оваа партија кои се изјаснија таа да остане во евроатлантскиот процес и да не се самоизолира и оние другите, кои наводно само одглумиле „егзекуција“ на првите. И пак ќе речам – не верувам во тие приказни и ризикувам пак моите информации, а со тоа и моите прогнози, да се погрешни.

Зошто одбивам да поверувам во вакви заговорнички сценарија? Затоа што јасно ја гледам идеолошката линија по која Мицкоски и неговите поддржувачи го прават засекот во партиското тело, за да го одвојат „предавничкото“ ткиво. Тоа е политиката што ВМРО-ДПМНЕ го води во конфликт со Западот, со САД, НАТО и со ЕУ. Мицкоски отворено и официјално, со писмо, на Американците им кажа „не“. А антизападната политика, долгорочно гледано, во Македонија нема да мине. Оваа земја на некој начин веќе е, а допрва и полноправно ќе стане дел од западната политичка хемисфера.

Ме изненади, сепак, фактот што Мицкоски не успеа да ја одржи монолитноста на партијата на таа антизападна, суицидна линија. Тоа на Никола Груевски секогаш му успеваше. Го потценив расколот во ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и потенцијалите таму да се роди една десничарска прозападна политичка фракција. Не очекував така експресно, толку директно и претерано нападно да се роди, да се самоидентификува и да се самопромовира таа антизападната фракција во партијата. Начинот на кој тоа се случи им дава за право на оние кои тврдеа дека зад оваа операција, сепак, не стои потписот на Мартин Протогер, или на било кој од „старите волци“ во партијата.

Нејсе, сето тоа веќе е небитно. Резултатот е познат. Мислам дека двотретинското мнозинство во парламентот за уставните промени ќе опстане, освен ако процесот не се искомпромитира на друг начин (со отворање на „албанското прашање“, на пример). Јасно е дека Мицкоски ќе се обиде да ја консолидира својата фракција, која многумина ја опишуваат и како секта, па со неа да оди на избори. Нејасно е дали ќе се роди нова партија или пратениците кои го крепат новото мнозинство ќе дејствуваат како независна пратеничка група.

Но, она што е важно сега е дека на овој или оној начин – е ова не можам да го „сварам“, луѓе, кога „аргументот“ на анализата е таа фраза „на овој или на оној начин“, која кажува и многу и ништо! – процесот продолжува според возниот ред. А Мицкоски можеби ќе сфати и ќе почувствува дека Америте навистина тешко носат одлука на некого да му врзат машна, ама кога ќе решат, тогаш ништо, ама баш ништо не ги запира. Ене му го Груевски како пример…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...