Со пораки за неопходноста од соработка и продолжување на евроинтеграциите со цел Европа да ја зајакне отпорноста на предизвикувачките кризи, како што е миграцијата, растот на популизмот и загрозување на основните вредности на Европска унија, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска го отвори 13. Дубровник форум.
– Миграциите од 2015 година предизвикаа најголеми конкретни последици врз европскиот политички пејзаж. Никогаш ниту еден настан толку брзо не ги смени политичките односи и на европско и на национално ниво во голем број земји-членки. Растот на популистичките движења и партии е видлив секаде, од државите основачи до малите земји и таквите последици се чувствуваат и ќе бидат клучна тема во годината на европски избори (2019) – изјави Пленковиќ на почетокот од меѓународната конференција.
Тој посочи дека клучното европско начело на солидарност треба да се негува, како и дека Хрватска и понатаму е приврзана на вредностите на регионот и на Европска унија.
– Централна тема на овогодинешниот форум е отпорноста, што е потребна кога станува збор за слобода на движење на луѓето, но и кога станува збор за смена на глобалните односи… ЕУ покажа отпорност и на економските и на финансиските потешкотии изминатите години, но денес е важно да не се нарушат основните начела на мултилатералниот поредок и слободната трговија – посочи Пленковиќ.
Тој при тоа ја пофали Европска комисија што годинава даде силен поттик за проширување и ги иницира земјите кои се уште не се членки на Унијата да продолжат со реформите.
Пленаковиќ додаде дека „Хрватска силно се залага да продолжи проширувањето на ЕУ“ и оти „тоа е еден од главните предизвици на овој дел од Европа.