Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти побара вонредни парламентарни избори, со цел, како што вели, да се излезе од институционалната криза во која се наоѓа државата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на Фејсбук, Хоти побара и темата на „корекцијата на границата“, за што се залага косовскиот претседател Хашим Тачи, да се исфрли од преговорите со Србија.
– Како претставници на граѓаните, треба да го најдеме новиот пат за, преку слободни и добро организирани избори, да му дадеме на Косово една стабилна влада, со потребно мнозинство, кое нема да биде разнишано од политичките претставници на Србите, се додека тие се под влијание на Белград, напиша шефот на пратениците на најголемата опозициска партија во Косово.
Тој го обвини претседателот на државата дека предизвика криза во дијалогот со Србија со неговото инсистирање за корекција на границата.
– Треба што попрво да го извадиме дијалогот од ќор-сокакот во кој го однесе претседателот Тачи и недостигот на уставна одговорност на премиерот (Рамуш Харадинај). Темата на корекцијата на границите треба итно да се симне од преговарачката маса и да му се оневозможи на секој официјален претставник на државата да зборува за границите. Во овој правец, очекуваме Собранието да усвои резолуција и сите албански партии да го изразат своето противење со конкретно дејствување, а не само со зборови, порача Хоти.
FOTO: EPA_VALDRIN-XHEMAJ