Во саботата се навршија точно дваесет години од отворањето на првиот македонски хотел со пет ѕвезди – хотелот „Александар палас“, кој беше прва значајна гринфилд инвестиција во областа на туризмот во независна Македонија. Инвеститор беше компанијата „Фершпед“ АД Скопје, долгогодишна членка на Комората, истакната македонска компанија, која континуитетот на успешно работење и инвестирање го задржа и до денес.
Физибилити студијата беше изработена во Белград, и недвосмислено покажуваше дека доколку се вложи во хотел од висока категорија, повратот на инвестицијата ќе биде за седум години. Проектното решение е дело на група македонски архитекти, предводени од проф. Јанко Константинов, а целата инвестиција изнесуваше 20 милиони германски марки.
Бизнис духот се провејуваше уште од самите почетоци на хотелот – прв гостин во хотелот на 08 септември 1998 година беше еден од најголемите турски бизнисмени Шарик Тара, сопственик на компанијата „Енка“, една од најголемите градежни компании во светот, а прв политичар кој го посетил хотелот беше Сулејман Демирел, кој престојуваше со 100-члена бизнис делегација.
Во изминатите дваесет години тој преставува гордост и бренд на главниот град на Република Македонија. Впрочем, нема значајна личност во светот која не спиела, не ручала, не пиела кафе, не држела говор, не играла тенис, не настапувала во хотелот Александар Палас – светски државници и политичари, спортисти, актери и музичари оставиле свој отисок во успешната приказна на хотелот изминативе години. Нема објект на Балканот каде на простор од 40×40 метри се одиграле толку значајни настани, продефилирале толку значајни луѓе и се одржале толку значајни средби. Со еден збор, хотелот е македонска бизнис гордост, многу добро опишан во книгата „Приказни со пет ѕвезди” од Б. Азески и Г. Михајловски.
П.С. На патувањето кон Истанбул, Турција, на состанокот на Асоцијацијата на европските комори Еурочембрс минатата недела, искрено ме израдува што од рафтовите на бензинска станица на ОМВ во близина на Пловдив, Бугарија можевме да купиме македонски производи – грисини од брендовите на Макпрогрес Виница. Впрочем, стапката на раст на извозот на стоки и услуги од 12,2 отсто за првото полугодие од 2018 година е само формална потврда дека македонските брендови имаат квалитет и конкурентност да освојат било кој пазар во светот, и дека нашите производи се препознаени на светските пазари, на што во Комората сме особено горди.
Авторот е претседател
на Стопанска комора на Македонија
Објавено во „Слободен печат“