Компанијата „Интернешнел хотелс“ веќе неколку години го реновира и модернизира најголемиот хотел во земјава „Континентал“ со цел да блесне во нов сјај. За таа цел подготвена е програма за реновирање која се реализира етапно. Меѓу другото, хотелот треба да прерасне во енергетско ефикасен и да се приклучи на гасоводната мрежа.
– Секоја година се реновира по еден кат од хотелот. Досега се реновирани 80 отсто од собите во хотелот и дел од салите. Дополнително треба да се постават и сончеви и фототермални панели кои ќе овозможат заштеда на потрошувачката на енергија и сопствено производство на струја, и топла вода. Хотелот треба да биде приклучен и на гасоводниот систем – велат од менаџментот на „Континентал“.
Според планираното, реновирањето на хотелот треба да заврши за две години.
„Интернешнел хотелс“ како сопственик на хотелот за реализирање на овој проект зеде и кредит кој деновиве го продолжи кај банката. Вчера собранието на акционери го одобри продолжувањето на рамковниот револвинг кредит-лимит земен пред некоја година.
Хотелот „Континентал“ располага со 203 соби од кои 6 се апартмани.
Хотелот е познат по својата долгогодишна традиција на извонредност во сместување во соба, добра храна, како и организирање коктели, семинари, конференции, состаноци…