Хотелите во Охрид пребукирани за Нова Година

Во некои од хотелските капацитети сѐ уште има слободни места, но бројот секојдневно се намалува поради се поголемиот интерес со приближувањето на празниците. Она што е можеби поразлично од минатото е што се поголем број гости ги менуваат навиките да бараат слободни места во последен миг, односно навремено прават резервации за тоа каде ќе ги минат празниците.

1443

Охридските хотелиери и угостители ги привршуваат подготовките за што поуспешен пречек на гостите кои ќе решат тука да ги минат новогодишните празници, уште повеќе што најавите укажуваат на зголемен интерес кај туристите за дочек на Новата 2020 година на охридското крајбрежје.

Цените на хотелските аранжмани за новогодишните празници слични на изминатите години, со цени до 160 евра за три дена со свечен дочек на Новата година, зависно од понудата и категоријата на објектот.

Речиси распродадени се сместувачките капацитети на хотелите „Инекс“, „Силекс“, „Гранит“, „Метропол“, „Белви“, „Милениум Палас“, а најбројни и овојпат ќе бидат гостите под соседството, пред се Бугарија и Србија. Ќе има и гости од Црна Гора, Косово, Грција, како помал број гости од Полска, Словенија, Турција.

Во некои од хотелските капацитети сѐ уште има слободни места, но бројот секојдневно се намалува поради се поголемиот интерес со приближувањето на празниците. Она што е можеби поразлично од минатото е што се поголем број гости ги менуваат навиките да бараат слободни места во последен миг, односно навремено прават резервации за тоа каде ќе ги минат празниците.

Организирано Новата година ќе се чека и во охридски ресторани, со цени слични на минатогодишните, до 50 евра со богато мени и неограничен пијалок. Има и поевтини понуди, но зависно од бројот пијалоци, понудата, забавата, реномето на локалот. Дел од угостителите ќе работат според варијантата на отворен влез, со редовни цени на храната и пијалоците.

Забава ќе има и во ноќните барови и кафулињата кои одат со најразлилни понуди. Како пример, „Ликвид“ новогодишната забава ја нуди за 999 денари со влез, апетисани, овошје, два пијалоци и одлична забава.

Кога станува збор за домашните гости, тука пред се доаѓаат оние кои имаат свои станови и куќи во Охрид така што не се очекува позначајна заработка кај приватните станоиздавачи и издавачи на соби. Кај нив цената на сместување изнесува од 400 денари за легло и од илјада до над три илјади денари за апартман дневно, зависно од локацијата, големината, бројот на легла и категоризацијата.

Што се однесува на дочекот на отворено, оваа година за забавата на Градскиот плоштад ќе бидат задолжени Ефто Пупиноски, Ѓоко Танески и групата „Камелеон“. Понудата дополнително ќе биде збогатена со лизгалиштето на мраз поставено веднаш до плоштадот.

Инаку, градот е веќе свечено украсен, чаршијата блесна со реквизити, светлечки украси се поставени и на дел од улици во централното градско подрачје, така што се е подготвено за „најлудата“ ноќ во годината.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...