Хорот „Гортинија“ на Меѓународен фестивал во Солун

184

Музиката претставува мост за спојување на Македонија и Грција, вели Илија Атанасов диригентот на хорот „Гортинија“ од Гевгелија, по учеството на 8.Меѓународен фестивал на хорски мјузикли, што викендов се одржува во Солун.

Со делови од мјузиклот „Мама миа“, македонскиот хор и се претстави на публиката, а на повидок е и македонско – грчки проект, заеднички мјузикл под наслов „Зорбас“.

– Имаме кратки фрагменти од мјузиклот „Мама миа“, тоа беше и нивна желба по предлог на организаторот, затоа што ние веќе имавме изведувано некои фрагменти во поранешните проекти со нашиот хор и тој се заинтересира за овој проект, така што инсистираше да го реализираме годинава во целост, да направиме една комплетна слика на дел од мјузиклот „Мама миа“ со оркестар во живо и кратка кореографија – вели диригентот на гевгелискиот хор за синоќешниот настап.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, тој објаснува дека ова не е прв настап за „Гортинија“ во Солун. Првиот контакт го имале пред пет години, се поврзале со грчкиот хор „Кораис“, а соработката продолжила.

– Соработката беше од поодамна ние веќе сме биле на фестивалот пред пет години и ова беше возобновена соработка во име на јубилејот што го имаат двата хора. Нивниот хор „Кораис“ има 25 години активност, ние имавме 20 години и тие беа минатиот месец на гости кај нас. Го одбележаа нашиот јубилеј, имавме голем јубилеј имавме убави гости, посетен беше концертот и од директорот и од министерот за култура и моментот беше таков за односите меѓу двата народи. Убаво се погоди што културата и музиката некако нѐ споија- вели Атанасов и додава дека солунскиот фестивал има доста напреднато и веќе достигнува и европско ниво.

Пред официјалниот дел, на свеченото отворање вчера напладне сите хорови од 14 земји се претставија со кратки композиции карактеристични за хорот и за државата од каде што доаѓаат. Атанасов вели дека и овој дел бил навистина интересен, бидејќи за краток временски период се слушнале „многу различни атмосфери и различни култури на едно место“.

– Најмногу бевме изненадени од публиката имавме одличен прием кај публиката, имавме голем аплауз, голема прифатеност од сите хорови, немам зборови, тоа беше многу убав настан, изненадувачки беше и за нас. Знаете сме биле на многу фестивали, на европски, но сега и аплаузот и приемот и флуидот беше различен, навистина се почувствува тоа. Можеби ова е моја субјективна забелешка, но мене ми изгледаше многу така убав прием – вели диригентот на „Гортинија“ во разговор за МИА.

Диригентот на македонскиот хор, во разговорот за МИА открива дека се подготвува македонско – грчки хорски проект на кој работат „Гортинија“ и солунскиот хор „Кораис“. Мјузиклот „Зорбас“ е насловот на проектот што веројатно ќе биде прв од таков вид.

– Задоволни сме што повторно музиката претставува еден одличен мост за спојување. Токму тоа е причината и за заедничкиот проект со „Кораис“. Тие дадоа предлог, а наш предлог е заеднички да се реализира проектот, мјузиклот „Зорбас“ заедно со нивниот и нашиот хор. Зорбас е истата личност која ги спојува двата народи, музиката е иста, универзален јазик што може да нѐ спои и затоа ме радува што даваме еден пример, односно покажуваме како би требало луѓето да соработуваат и комуницираат едни со други – вели Атанасов.

Првичните подготовки за реализација на проектот веќе се започнати, а хоровите очекуваат одобрување од европските фондови. Но, диригентот вели дека со или без поддршка од Европска унија, проектот ќе се реализира, веројатно кон крајот на годинава.

– Планот е да се реализира во неколку градови во Грција и во неколку градови во Македонија со двата хора и со мал камерен оркестар. Се надевам дека ќе биде интересно – коментира диригентот на „Гортинија“.

Со настапот на 8.Меѓународен хорски фестивал, не завршуваат активностите на гевгелискиот хор. Атанасов вели дека веќе имаат доста контакти и покани за учество на фестивали и во Солун и во Атина, а за „Гортинија“, Грција е редовна дестинација, бидејќи еднаш или два пати годишно учествуваат на некој од грчките фестивали.

– Се надевам дека ова ќе продолжи и мислам дека оди во убава насока во соработката со хоровите од Грција – додава Атанасов.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на Меѓународниот фестивал на хорски мјузикли што секоја година се одржува во Солун, освен од Македонија и домаќинот Грција, учество земаа хорови од Франција, Шведска, Израел, Бугарија, Италија, Молдавија, Украина, Јордан, Србија, Хрватска, Ерменија и Турција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...