Случувањата во Северна Македонија на некој начин треба да нѐ држат во одредена будност, изјави министерот за енергија и животна средина на Грција, Костис Хаѕидакис во интервју за грчката телевизија Скај во однос на ситуацијата во земјава, jави дописничката на МИА од Атина.
Хаѕидакис уште еднаш повтори дека актуелната грчка Влада не се согласува со Договорот од Преспа, но како меѓународна спогодба мора да ја почитува, истакнувајќи дека Атина ја поддржува европската перспектива на Скопје.
– Очигледно дека не го сакаме договорот, но рековме дека ќе го почитуваме и ќе се бориме за колку е можно повеќе да го подобриме. Но, не рековме дека не сакаме европска перспектива на Скопје. Кажавме дека сакаме под услови и предуслови, доколку Скопје се усогласува со европското законодавство, рече грчкиот министер.
Во однос на тоа дали евентуалниот развој на настаните во Северна Македонија би го ставил во опасност Договорот од Преспа, Хаѕидакис објасни дека станува збор за меѓународен договор што е на сила, а тоа ги обврзува и Скопје и Атина.
– Ова го кажувавме и пред изборите. Ни велеа: „Добро вие кога ќе дојдете нема да го смените договорот?“ И велевме: „Луѓе договорите обврзуваат во рамките на ОН, тоа е меѓународното право на договорите. Во спротивно, ќе дојде, да речеме Турција и утре-задутре ќе каже нам не ни се допаѓа Лозанскиот договор, ќе го смениме, рече Хаѕидакис.